Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на денешната прес- конференција обвини дека здравството во земјата, наместо да биде извор на лек и спасување животи, стана извор на сомнителни тендер.
Милионските бизниси и фаворизирањето семејни фирми, како што рече, не е новитет за оваа Влада, а во секторот здравство, според Митева, тоа е и најизразено. Таа зборуваше за, како што ја нарече, т.н. годишна пракса на Клиниката за хематологија, каде што директорка е Ирена Пановска-Ставридис, да се даде тендер на веледрогеријата „Д-р Пановски“, каде што сопственик е татко и.
„Тендер вреден над 3 милиони евра! Ова е договорот што е склучен на 1.9.2023 година за набавка на стоки склучен помеѓу ЈЗУ УК за хематологија како договорен орган и АД ‘Д-р Пановски’ како носител на набавката.
Од документацијата може да се забележат неколку работи. Прво, станува збор за единствен понудувач, односно на овој тендер како единствен понудувач се јавила токму фирмата на таткото, а ќерката е директорка на Клиниката, која го распишува огласот.
Дополнително, при склучување на договорот Клиниката за хематологија е застапувана од заменик-претседателот на управниот одбор, која е овластена со решение да може да склучува договор, а одлуката за избор на најповолен понудувач е донесена од директорот кај договорниот орган, односно ќерката за најповолен понудувач си го избрала таткото.