Собранието донесе одлука за формирање анкетна комисија за случајот со Онкологија Со 82 гласа пратениците денеска донесоа одлука за основање анкетна комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
Предлогот поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беше поддржан од повеќето присутни пратеници. Пратеникот Петар Ристески од ВМРО- ДПМНЕ смета дека случајот за злоупотребата на терапија на Клиниката за онкологија треба да се расчисти, а анкетната комисија, според него, треба да утврди дали со тој скандал биле загрозени основните човекови права на пациентите кои се лекувале од моментот на ставање надвор од употреба на системот за контрола на терапија или популарно наречен КАТО системот за подготовка на цитостатиците.
И пратениците од СДСМ ја поддржаа одлуката за формирање анкетна Комисија за скандалот на онкологија, која според пратеникот Ненад Коциќ треба да утврди дали има и политичка одоговорност, а ги поддржа и пациентите кои бараат редовно да ја примаат соодветната терапија.
“Доколку има злоупотреби да се евидентираат со име и презиме да бидат обелоденети во јавноста. Не го подржувам политичкото лешинарство, кое некои помали политички партии, кои пробаа да го девастираат целиот здравствен систем”, рече Коциќ.
Претходно, на почетокот од расправата пратеникот Фадил Зендели од движењето БЕСА рече дека како пратеник го поддржува формирањето анкетна комисија, но забележа дека не се предвидени пратеници од албанската опозицијата, за што претседателот на Собранието Талар Џафери му укажа дека требало да поднесат амандмани за да го променат тоа.