Во пет општини, Кавадарци, Струмица, Гостивар, Струга и Куманово, со најсовремена опрема и методологија, ќе се идентификуваат изворите на загадувањето на амбиентниот воздух, при што прв пат, кога било во земјата, ќе се спроведе и мерење на загадувањето на воздухот во затворен простор.
Истражувањата кои ќе ги врши Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и лабораторијата „Амбикон“ ќе се спроведат и во неколку училишта и градинки во општините каде што ќе се мери загаденоста не само со ПМ честичките, туку ќе се утврдува и анализира и присуството на епидемиолошки, бактериолошки и органски компоненти, беше истакнато на денешната прес конференција на која присуствуваа министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, постојаниот претставник на Обединетите Нации, Армен Григорјан и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски.
Проектот е втора фаза од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, финансиран од Шведска, кој го спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, со засилени мерки против загадувањето.
Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, информираше дека Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида) продoлжува да и помага на Македонија да се справи со предизвиците во заштитата на животната средина, со посебен акцент на проблемот со загадувањето на воздухот и управувањето со отпадот.
Постојаниот претставник на Обединетите Нации, Армен Григорјан, посочи дека преку студиите за распределување на изворите на загадување, локалната власт во петте градови ќе знае со сигурност што го загадува воздухот во нивните општини и на тој начин ќе може да се планираат и спроведуваат соодветни мерки.