Дека сценарио за спас на експремиерот Груевски се дискутирало во политичките кругови потврди претседателот Стево Пендаровски. Во интервју за „Трилинг“ открива дека бил консултиран да го амнестира избеганиот Груевски. Уверува дека не би го сторил тоа.
„На едно неформално ниво од пред седум, осум месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност, што мислам околу таа можност. Им реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава. Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но јас не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава за такви кривични дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, што не“, изјави претседателот Пендаровски.
Шефот на државата не ги коментира мотивите и тајмингот за носење на измените на Кривичниот законик (КЗ) со кои се намалуваат казните на функционерите, но не ги врзува со обезбедување на тротретинско мнозинство за уставните измени. Тврди дека со овие измени, Груевски ниту може да се врати во Скопје, ниту е магионичар да обезбеди 10 пратеници од Будимпешта.
Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Пендаровски да каже кој барал од него амнестија за Груевски. Од кабинетот на претседатеlот посочија дека предлозите дошле од луѓе блиски до опозицијата.
„До претседателот Стево Пендаровски, во текот на оваа година, во два наврата, беа упатени предлози да размисли за помилување на одредени политичари или да поддржи донесување на закон за амнестија на актуелни и поранешни политичари. Тие предлози, преку посредници, до претседателот Пендаровски беа упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.