Местото на нашата држава е во Европската унија, каде се најдобрите и најразвиените. ЕУ е отворена за брза интеграција. Сега е време за носење одлуки, не за уставни промени, туку дали сме за членство во ЕУ, порача премиерот Ковачевски од третиот економски и финансиски форум во Скопје.
Премиерот Ковачевски вели измените на законите се брзи за доближување до европското законодавство, додека еврокомесарот Хан побара да не се брза и да не се носат закони без широка дискусија.
ВМРО-ДПМНЕ крои законско решение кое со помош на постојната регулатива ќе детектира каде има енормно богатење. Лидерот на партијата Мицкоски вели оти целта е да се провери како млади луѓе со поскромни примања располагаат со мултимилионски имот, а од нив ќе се бара и докажат како го стекнале.
Намалувањето на затворските казни и проширената конфискација не се гаранција дека ќе нема застарување на кривичниот прогон, а судовите поекспедитивно ќе работат – велат од Здружението на млади правници.
Последните измени на Кривичниот законик, според нив, ќе доведат до раст на корупцијата и ќе влијаат врз издржувањето на затворските казни. Измените на КЗ опфатија 38 члена. За 35 власта рече дека се усогласување со европската регулатива.