
Утврдување на политичка одговорност на владините и здравствените функционери поврзани со скандалот на Клиниката за радиологија и онкологија – цел на собраниската Анкетна комисија.
Ќе ја утврдува хронологијата на настаните, како и дали постои прекршување на уставните и законските одредби. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со скандалот кој се случи на Клиниката се загрозени основните права на граѓаните загарантирани во Уставот.
“Потребно е во најбрз рок да се расветли случајот и да не се генерализираат сите здравствени работници само поради неколкумина кои се почувствувале дека се над законот” – вели Милошоски.
Илира Даути од Алијансата на Албанците од чии редови е актуелниот министер за здравство, смета дека одговорноста треба да се прошири и во изминатиот период кога со здравството раководеле министри и од други политички партии.
Социјалдемократите со став за брзо и транспарентно расветлување на случајот, но и апелираат истиот да не се злоупотребува за партиски поени. Следната недела се очекува предлог-одлуката за основање на Анкетната комисија да се стави на дневен ред на собраниска пленарка.