Дваесет пациенти кои се лекувале на Онкологија телефонски се јавиле во Обвинителството да помогнат во истрагата со свои сознанија. Тим обвинители извршиле распит на повеќемина вработени на Клиниката, како и на двајца експерти.
Оттаму велат – обезбеден е обемен материјал и документација и цврсти докази, кои се предмет на анализа. Се врши и проверка на медицинските истории на 40-ина пациенти.
„Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на клиниката, како и медицински истории на уште околу 40- тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство-Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско- финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите“, велат од Основното јавно обвинителство.
Ќе се бараат податоци од надлежните органи во Косово и во Албанија за пациенти кои се лекувале кај нас, како и евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји. Обвинителството во истрагата ќе ги вклучи и ревизорите кои го изготвиле ревизорскиот извештај и ги констатирале состојбите.