Амбасадорот на ЕУ и холандскиот амбасадор изразуваат загриженост за измените на Кривичниот законик

Не престануваат пост фестум реакциите за измените на Кривичниот законик со кои функционерите веќе од утре ќе добиваат пониски казни за злоупотреба на службена положба.

Денеска амбасадорот на ЕУ го повтори ставот на Европската комисија која изрази загриженост поради измените. Кон овој став се приклучи и холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан Коп.

Изјави дека, холандската амбасада многу сериозно ги следи последните случувања во однос на измените на Кривичниот законик и целосно се согласува со изјавата што ја објави ЕУ. Но, премиерот вчера тврдеше дека, измените всушност се направени во консултација со ЕУ.

Ја оправда брзата процедура велејќи дека, во забелешката на Европската комисија никаде не се наведува дека е злоупотребено, туку дека е употребено знаменцето на ЕУ. За потребата од измени го обвини креаторот на Кривичниот законик, кого го нарече Дарт Вејдер на македонското правосудство, но ни денеска не сакаше да открие на кого мисли.

Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера сериозно да ги истражи сите основани сомненија за сторен криминал изминатите шест години и да ги изведе пред лицето на правдата политичките криминалци, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Свети Николе, кој даде коментар за измените на Кривичниот законик, за кои позицијата тврди дека е следење на европската регулатива.

Смета дека власта се подготвува за во опозиција и како што вели сакаат да бидат амнестирани за криминалот што го направиле изминатите години.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*