
Додека електронскиот систем „КАТО“ со години стоел под клуч на Онкологија, екс директорот Нино Васев го имал крајниот збор за тоа кој пациент ја прими скапата биолошка терапија, бидејќи онколозите морале да добијат одобрение исклучиво со негов потпис.
Ова го велат ревизорите од Државниот завод за ревизија, подвлекувајќи дека кога процедурата е таква, се остава простор за субјективно одлучување бидејќи немало конкретен протокол, кому, со каква дијагноза и во која фаза од болеста треба да му се даде.
“Терапијата ја препишувале докторите врз основа на одобрение од медицинскиот директор. Тоа остава простор за субјективно одлучување за тоа кој пациент ќе биде приклучен и со колкави дози. Лековите се препишувале без да се земе предвид дали клиниката располага со доволни количини за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапија. Бидејќи лековите се набавуваат без формирана цена се отежнува и финансиското следење на потрошокот”, изјави Соња Камбовска – помошник на главниот државен ревизор.
Биолошката терапија се вршела без одобрување на пари од Фондот, што генерира долгови, велат ревизорите. Околу десет години ревизорите воопшто не влегувале на Онкологија, пред најновиот извештај од пред шест месеци последен пат ваква контрола направиле во далечната 2012.