Со реконструкција, старото основно училиште во селото Кучково ќе се преадаптира во регионален центар за рехабилитација на децата што преживеале канцер.
Проектот е поддржан од Министерството за локална самоуправа и од Владата на Швајцарија, а ќе го спроведува Центарот за развој на Скопскиот Плански Регион во рамки на проектот „Приказната продолжува“.
Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, денеска го промовираше проектот, а на настанот присуствуваа и директорот на Центарот за развој на Скопскиот Плански Регион, Јане Мицевски, и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
“Со овој проект ја потенцираме инклузијата на децата по преживеан канцер во социокултурниот и образовен живот на регионално ниво, преку дијалог, градиме доверба и свесност за различностите, за подобар квалитет на живеењето и за создавање услови за креативен, социјален и независен живот преку подобрен пристап до услугата основно образование. Со овој проект се надминува и системски пропуст во образованието кај овие деца, преку дигитален наставен материјал приспособен за учење од далечина” – изјави Пенов.