Директорката на Онкологија смирува, од ноември 2022, откако е таа е на чело на Клиниката, сите пациенти ја примаат пропишаната терапија, без никави манипулации.
За начинот на лекување одлучуваат 12 лекари, се следи патеката на лековите од влез на Клиниката до нивно искористување, ограничен е бројот на медицински лица кои можат да влезат во просторијата каде што се подготвува терапијата.
Клисарова признава дека како вработена долги години на Клиниката, слушала дека се прават незаконски работи, но тоа било само допрен глас, немала допир до документи и пишани докази за тоа. Вели, не може да ограничи влез на медицински лица кои се под истрага, бидејќи нема допис од надлежните институции коишто ја следат истрагата.
За медицинската сестра којашто на крај на февруари годинава е фатена како краде терапија, вели веднаш е отстранета од работа, а во мај добила отказ. Министерот Меџити вели дека изминативе шест месеци откако е министер будно се следи работата на оваа клиника. Премиерот Ковачевски побара да не се политизира случајот, а Обвинителството да спроведе брза и сеопфатна истрага. Тој порача – никој нема да биде поштеден. Потребна е одговорност, не само кривична туку и политичка – вели лидерот на опозициската ВМРО- ДПМНЕ Мицкоски и побара оставки во Владата.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ информираа дека ќе иницираат анкетна комисија во Собранието за случувањата на Онкологија. Владеачката ДУИ бара одговорните да излезат „пред лицето на правдата“, но да не се злоупотребуваат за политички цели во време кога државата е исправена пред уште еден предизвик.
„ДУИ ја поддржува акцијата на МВР и Обвинителството и повикува на вакви истраги и во други клиники и институции. Овие тврдења вклучуваат луѓе инволвирани низ годините и во администрацијата. Затоа партиите треба да се држат на страна од истрагите и да не ги компромитираат“, потенцираат од ДУИ. Опозициското Демократско движење се надева дека овој скандал нема да го има епилогот на случајот со модуларната болница во Тетово.
Социјалистичката партија на Македонија жестоко реагира на димензиите на монструозниот случај во клиниката за онкологија и криминалната организирана трговија со цитостатици. Овој скандал значи целосен морален и организациски колапс на здравствениот систем затоа што ниту еден пациент не заслужува злоупотреба на терапијата за нечија лична корист, а цената за тоа е свесно убиство на пациентите. Тоа е злосторство од некој што треба да лекува да зема право да одлучува за туѓ човечки живот. Кога злото ќе завладее, гласот и борбата на совесните мораат да бидат најсилни, за да го победат истото. Со внимание го следиме развојот на настаните околу скандалот на Клиниката за онкологија, згрозени од злото кое се плетело со години наназад.
ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија бара да се откријат имињата на сите виновници за овој организиран криминал, и истите соодветно да се казнат.