Изјавата на францускиот претседател, Емануел Макрон, не е нешто ново. Вака претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, ја оцени денеска изјавата на Макрон за потреба за реформа на Европската унија пред нејзино проширување, но со став дека идеја на Макрон никогаш не го условила проширувањето со реформирањето на Унијата.
„Макрон на почетокот на својот говор, специфично во тој дел кога зборува за внатрешно преуредување на Европската Унија, вели: ’ова што ви го кажувам сега ви го кажав и пред пет години’. Тоа е неговата стара идеја за продлабочување пред проширување или продлабочување заедно со проширување. Пред пет години. Во меѓувреме нема ниту една изјава на Макрон во која тој вели дека западниот балкан, додека не го направиме ова првото – продлабочувањето, не треба да влезе. Нема ниедна изјава“, рече Пендаровски.
Пендаровски притоа вели дека потврда за тоа е изјавата на Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, кој истиот ден кога Макрон ја даде изјавата за Европа со повеќе брзини, ја утврди 2030 година како година на проширување на Унијата.