Иницијативата на Шарл Мишел за проширување на Унијата во 2030- та, ќе го има првиот тест на 5-ти октомври на неформалниот Самит во Гранада.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји најави дека Европската Комисија ќе стави на маса, суштински предлози во насока да се постигне не само институционална, туку и вистинска интеграција. Одби да одговори дали тајмингот 2030-та е реален.
“Ако ова е порака од Советот дека Советот сака конечно да се aнгажира и да направи голем исчекор за проширувањето да се случи, тоа е добродејдена вест. Комисијата е подготвена да даде каков било предлог за да стигнеме дотаму (проширувањето), а тоа ќе се случи веќе во октомври, кога сакаме да дадеме суштински предлози” – изјави Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување.
Вархеји не откри што содржи предлогот на Европската Комисија, која пред два дена соопшти дека како тело не била консултирана од Европскиот Совет пред Мишел да го испорача предлогот на Бледскиот самит. Повтори дека проширувањето треба да се заснова на заслуги.
“Не мислам дека тоа е прашање на датуми, мислам дека повеќе е прашање на волја и на испорачани резултати. Мислам дека најблиску е онаа земја која ќе испорача прва. Би сакал да ги охрабрам да ја забрзаат својата работа. Мислам дека сите тие имаа и ќе имаат сѐ на маса од октомври” – појасни Вархеји.
Пораките Вархеји ги испрати од неформалниот состанок на Унијата во Толедо, каде клучни теми се безбедносните прашања, иако дел од учесниците порачаа дека инсистираат и проширувањето да се најде на дневен ред.
“Би сакала да им кажам на министрите во однос на напорите да дискутираме за проширувањето на нашето источно соседство, ќе ни дозволат да направиме нешто „надвор од кутијата“ и конечно да го финализираме проширувањето со Западен Балкан” – вели Тања Фајон, министерка за надворешни работи на Словенија.
Фајон оцени дека по Бледскиот Самит е отворен прозорец на можности за Западен Балкан, кој треба да се искористи до крајот на годинава.