Премиерот Ковачевски Ги Поддржува Предлозите за Уставни Измени и Повикува на Лидерска Средба

Уставните измени се дел од преговарачката рамка и од нас зависи со која динамика ќе се движиме по евроинтегративниот пат, вели премиерот Ковачевски.

Според него пораките на европските лидери се јасни, тие одлучуваат во Европскиот Совет врз основа на изештаите на Европската Комисија, која во однос на уставните измени нема никакви забелешки.

„За уставните измени нема никакви коментари во однос на содржината на амандманите, бидејќи не задираат во ниту едно идентитетско прашање на македонскиот народ, туку напротив го зацврстуваат мултиетничкиот карактер на државата. Со нив за првпат се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и другите народи, вклучително и бугарскиот народ“ – вели Ковачевски.

Двотретинското мнозинство мора да се обезбеди само со преговори со лидерот на опозицијата, кој Ковачевски очекува да даде поддршка во интерес на граѓаните и државата. За премиерот, лидерска средба може да се договори во секое време на која би се дискутирало за евроинтеграциите.

„Лидерска средба може да има во секое време доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтеграциите на која ќе се разговара за аргументите, а пратениците и онака секојдневно имаат директна комуникација во Собранието. Ние не бараме поддршка за Владата и мене не ми треба поддршка од опозицијата за мене лично“ – нагласи премиерот Ковачевски.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повикува на лидерска средба, но со различна тема-предвремени избори, бидејќи како што вели, премиерот Ковачевски не ги разбрал пораките од европските лидери во Блед.

„Се врати од Блед и сега се крие од јавноста затоа што нивната лага повторно пукна како меур од сапуница. Погледнете како тоне нивната последната сламка за спас. Францускиот претседател им ја кажа вистината. Европска Унија им испрати абер. Сега се прпелкаат, те овој сакал да каже вака, те оној сакал да каже онака. Сето тоа што го кажуваат не е точно. Јасно е. Без внатрешни реформи кои вие седум години не ги правите, без оправање на секторите и состојбите на секое поле, нема да има ни афричка унија, а не пак европска. Народот бара ресет“ – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Според Мицкоски, власта им дава лажна надеж на граѓаните за членство во ЕУ, а реформите не се спроведуваат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*