ДУИ Врати Донации од “Еуровиа”, Но После Долг Период

Антикорупциска отвори предмет за тендерот од 1,8 милиони евра што го доби компанијата „Еуровиа“ од Желино за реконструкција и уредување на салата „Борис Трајковски“, за конференцијата на ОБСЕ во декември.

Постапувањето е резултат на реакциите во јавноста, но и по барањето на министерот за надворешни работи Османи. Од Комисијата не ја коментираат изјавата на Османи, дека не знаел дека „Еуровиа“ е донатор на ДУИ, и побараа за тоа да се произнесат и другите институции.

Антикорупционерите побарале информации од ДУИ и од компанијата зошто го прекршиле законот преку донациите. Османи знаел дека фирмата е донатор уште пред да го потпише договорот затоа што рангирање според најниска цена се доставува до раководно лице пред потпишување договор, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата побараа одговор од шефот на дипломатијата дали ќе го раскине договорот којшто претходно го потпишал или поточно дали смее да го раскине договорот со фирма донатор.

Тендерот е законски, пријавени биле повеќе фирми, вели премиерот Ковачевски. Законот е јасен каква е постапката доколку некоја компанија е донатор на политичка партија, во спротивно надлежните треба да истражат. ДУИ го вратила вишокот донација во „Еуровиа“, но речиси една година подоцна, иако уплатата, која ја надминува законската рамка за донирање требало да биде вратена во рок од 15 дена.

Според извештајот на ДУИ за донации поднесен до надлежните институции, лани од вкупно 105 илјади евра, две третини ги донирале „Еуровиа“ и управителите Ељмедин Адеми и Бејтула Адеми во износ од 75 илјади евра.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*