Два полициски службеници и двајца професионални војници приведени во врска со огнената прослава во село Дебреште

Семејната прослава во село Дебреште се претвори во лов на пиштолџии. Вчера беше приведен командирот кој е снимен како пука со калашников. Денес е проширена истрагата и приведени се уште двајца полициски службеници кои пукале со огнено оружје во прилепско.

Идентификувани се уште неколку лица кои се придружиле во огнената прослава. Од МВР информираат за повеќе извршени претреси.

Проширена е истрагата во врска со кривичното дело “предизвикување општа опасност”. Идентификувани се повеќе лица кои пукале со оружје на веселбата и за сите ќе има соодветни поднесоци. Двајца се полициски службеници, двајца се професионални војници, а останатите се жители од с. Дебреште и с. Саждево. Извршени се седум претреси, при што е одземено разновидно оружје кое е употребено за извршување на кривичното дело, соопштија од МВР.

За триесетгодишниот командир од полициското одделение Ропотово, славјето веќе се претвори во суспензија од работа. Пронајдени се чаури и пушката која најпрво ја добива од друго лице, кое го упатува како да пука. Собрани се и снимките од настанот. Против командирот веќе е поднесена кривична пријава.

По предлог на надлежниот јавен обвинител, на лицето му е определена мерка куќен притвор во траење од осум дена, бидејќи делото се гони во скратена постапка. На осомничениот му е одземено службеното оружје, а во тек се претреси и вештачења со цел прецизно утврдување на оружјето од кое е пукано, соопштија од ОЈО Прилеп.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*