ЕУ мора да биде подготвена да ги прифати новите земји членки до 2030-та, изјави претседателот на Европски совет Шарл Мишел на Бледскиот безбедносен форум.
Паралелно и земјите кандидатки треба да ги исполнат критериумите за владеење на правото, добрососедските односи, истакна претседателот на Европскиот совет. Мишел предлага да се воведе клаузула за доверба, земји што веќе се членки да не можат да го блокираат членството на земјите- кандидатки. 80 насто од граѓаните се за ЕУ, но исто така се обесхрабрени и од блокадите што доаѓаат една-по-друга од земјите членки, посочи премиерот Ковачевски на Бледскиот форум.
Треба да седнеме да разговараме и да ја искористиме шансата во наредните неколку месеци за исполнување на уставните промени, оцени бугарскиот премиер Денков, навраќајќи се на односите со Македонија. Домаќинот, словенечкиот премиер Голоб порача – моментумот за проширување има тотално нова перспектива. Работите се менуваат брзо. Уверува дека во наредните 12 месеци процесот на проширувањето не само што ќе има нов поттик, ќе има и нов изглед.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски на отворањето на Бледскиот стратешки форум, во Блед беше пречекан од премиерот на Република Словенија Роберт Голоб и вицепремиерката и министерка за надворешни работи Тања Фајон.
На Бледскиот стратешки форум годинава присутните лидери и учесници на панелите ќе се обидат да дадат различни перспективи во однос на справувањето со предизвиците со кои се среќаваат земјите од Европа но и светот предизвикани од воената агресија на Русија врз Украина, а врзани со безбедноста, пристапот со храна и енергија, економскиот развој на земјите од Европа, како и предизвиците врзани со климатските промени.
За земјите од Западен Балкан во фокус ќе е продолжувањето на евроинтегративните процеси во контекст на геостратешките превирања кои произлегоа од војната во Украина.
Премиерот Ковачевски, на Бледскиот стратешки форум ќе има свое излагање на попладневниот лидерски панел заедно со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и премиерите на Словенија Роберт Голоб, на Албанија Еди Рама, на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Бугарија Николај Денков, на Косово Албин Курти, на Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто.