Денеска на Воениот стадион, во пресрет на утрешниот Ден на Армијата, вработените во одбраната и припадниците на Армијата со свеченост го прославија 31. роденден на македонската Армија.
На настанот беа прочитани и сите унапредени офицери до чин потполковник, како и сите наградени и пофалени службеници во одбраната и припадници на Армијата. Министерката Петровска во своето обраќање истакна дека е горда на професионализмот, мотивот и посветеноста со кои започнаа и се реализираат силни реформски зафати во одбраната.
„Еден министер е успешен толку колку што се успешни и соработниците, а фактите покажуваат дека одбраната функционира исклучително успешно и затоа заслугата не е моја, не е на некој поединец, туку на сите нас заедно, затоа што ние сме едно семејство, еден организам кој може да функционира само ако работиме како едно, обединети во нашата заедничка цел“, рече министерката Петровска.
Петровска им се заблагодари на припадниците на Армијата зашто секој предизвик го прифаќаат како уште една задача која ја извршуваат максимално посветено, професионално и без двоумење. На службениците во одбраната им порача дека цело е кога има сè и дека како што се внимава на стандардот на припадниците на Армијата, така приоритет е и стандардот, местото и улогата на службениците во одбраната.