ВМРО-ДПМНЕ ја одбива промената на Уставот, обвинувајќи ја Владата

На Владата не ѝ требаат 80 пратеници, тие се потребни за граѓаните и за влез во Европската унија. Владата може да функционира и со 61 пратеник да носи закони и да функционира, вака премиерот Ковачевски го образложува прашањето дали власта има доволен број пратеници за отворање на Уставот и измените во него.

Внесувањето на Бугарите, според него е барање од Европската унија. По ова ќе нема нова преговарачка рамка и се отвора патот за влез во Унијата. „Десетдневната дебата во Собранието е можност за граѓаните да се уверат дека се работи за процес за остварување на втората стратешка цел по членството во НАТО, а тоа е членство во ЕУ. Што побрзо го завршиме процесот, толку побрзо ќе станеме членка на ЕУ. Ќе повторам, за прв пат ветото на нашата држава не доаѓа од надвор, туку може да дојде од внатре“, нагласи премиерот Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека нивните пратеници нема да гласаат за уставни измени. „Ковачевски ако имаше пратеници за уставни измени, истите ќе ги ставеше на гласање многу одамна. Повторно ќе се види дека промена на Устав нема да има. Сè што прави Ковачевски е држење на државата во заложништво заради неговата желба ден повеќе да остане на власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според СДСМ, седницата ќе покаже кој е „за“, а кој „против“ членство на земјава во Европската унија. Пратениците имаат одговорност и пред државата и пред граѓаните, велат социјалдемократите. „Седницата е последна можност и за ДПМНЕ. Да покажат дали избрале интеграција во ЕУ или избрале изолација, седнати во скутот на Левица“, изјави Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*