
Поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески попладнево е спроведен во затворот „Идризово“ каде треба да издржува три и пол години затвор за случајот „Титаник“. Со оглед дека Јанакиески се наоѓаше во куќен притвор за случајот, од Кривичен појаснуваат дека не бил потребен упатен акт, туку само наредба за спроведување. „Судија за извршување санкции има издадено наредба за спроведување на правосилно осуденото лице за кое прашувате од куќен притвор на издржување на казна затвор со оглед дека обвинетиот веќе бил во куќен притвор во предметот за кој Апелација веќе донесе правосилна пресуда“, информираат од Основниот кривичен суд Скопје. Во однос на најавите од адвокатите на Јанакиески дека ќе бараат мерките притвор што ги издржувал во сите предмети досега да се пресметаат за казната во „Титаник“, од Кривичен велат дека дополнително ќе одлучат. „Во однос на сите дополнителни барања и други предлози на одбраната одлучува судијата за извршување санкции, доколку се бара прекин одлучува Управата на затворот, а доколку е барање за вонредно преиспитување одлучува Врховниот суд“, соопштуваат од Кривичен.