Средба помеѓу Министерката за труд и претставници на ОН: За детска заштита и родова еднаквост

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се сретна со постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Росана Дуџак, и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани. На средбата се разговараше за досегашната соработка на организациите на Обединетите нации и Министерството за труд и социјална политика. Тренчевска на средбата истакна дека Агенциите на Обединетите нации својата поддршка ја даваат токму на клучните прашања на кои е надлежно Министерството за труд и социјална политика, како што се детската заштита, семејните вредности и родовата еднаквост. Тренчевска исто така ја објасни моменталната ситуација на територијата на државата во однос на дилемата за предлогот на Законот за родова еднаквост и предлогот на Законот за матична евиденција. Таа повторно информираше дека предлогот на Законот за матична евиденција е повлечен од процедурата уште од март 2022 година, додека Законот за родова еднаквост, како што објасни министерката, досега бил на 18 јавни расправи, и процесот на консултации продолжува и понатаму. Од страна на координаторката на ОН, Дуџак, беше посочено дека Министерството за труд и социјална политика ја има целосната поддршка за унапредување на човековите права, каде спаѓа и прашањето за родовата еднаквост.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*