Антикорупциската комисија ќе проверува дали постои судир на интереси при постапувањето на институциите во случајот со издавањето на концесија за изградба на хидроцентрала на Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, најави претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска. Во гостување на Сител прашана во врска со актуелни случаи поврзани со семејството на лидерот на ДУИ, односно со внуците и синот на Али Ахмети и конкретно барањата на опозицијата да ја провери имотната состојба на внукот Дрин Ахмети кој без ниту еден денар стекнал 39 проценти од акциите во ТЦ „Соравија“, Ивановска појасни дека тој не е функционер и немаат надлежност да ја испитуваат неговата имотна состојба. „За ние да испитуваме имотна состојба на Дрин Ахмети немаме надлежност, бидејќи тој не е функционер. Меѓутоа, ние можеме да постапуваме од аспект на тоа како постапувале институциите – кога му ги давале дозволите за работа? – Значи, од тој аспект – да, може да постапува ДКСК“, рече Ивановска. Таа при тоа потврдно одговори дека проверките ќе бидат направени од Антикорупциска за како биле издадени дозволите.