КОМОРАТА НА ИЗВРШИТЕЛИ ТВРДИ ДЕКА НЕМА НИШТО СПОРНО ВО РАБОТАТА
НА ИЗВРШИТЕЛОТ ВО СЛУЧАЈОТ СО АВСТРИСКАТА ФИРМА

Нема вина кај извршителот од Кавадарци кој ја водел извршната постапка, а преку која валандовската фирма Глобал трејд наплатува долг од Дена продукт, тврди првиот човек на комората на извршители Ванчо Марковски. Токму оваа постапка го разлути австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас, кој побара одземање на лиценците на сите инволвирани судии, обвинители, нотари и извршители, тврдејќи дека го злоупотребиле законот и овозможиле Дена продукт да остане без имот, па австриската компанија Анна Хоенемс, која побарува 4,5 милиони евра од неа, нема да може да си ги наплати. Не сакајќи да коментира дали со писмото кое го објави, амабасорот ги пречекорил овластувањата, Марковски потврдува дека во мај годинава австриската компанија, незадоволна од донесеното решение, побарала од комората да провери дали кавадаречкиот извршител постапил исправно. За случајот, судскиот совет вети дека ќе ги провери наводите кои се однесуваат на судиите, а обвинителството се иззема од одговорност, тврдејќи дека во пријавата на австриската фирма од пред две години не виделе кривично дело. Австриската компанија треба да наплати 4,5 милиони евра отштета од Дена продукт, откако преку меѓународна арбитража докажале дека нивниот поранешен бизнис партнер ги измамил и наместо ним, корнишоните им продавал на германска фирма. Овој случај доби политичка димензија, откако амбасадорот Вуцас во писмото посочи дека сопствениците на валандовските фирми биле во роднински врски со поранешниот премиер Зоран Заев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*