Од Демократскиот сојуз бараат воведување една изборна единица и предвремени парламентарни избори наместо замајување со уставните измени. Демократскиот сојуз алармира дека последните корупциски скандали за кои јавно предупредуваат и странски дипломати сведочат за колапс на државата во целина и на институциите, кој е резултат на високиот степен на криминализација и партизација. „За седум години, Владата на СДСМ и ДУИ не спроведе ниту една коренита и системска реформа, а целосно ја блокира работата на МВР, АНБ, АР, Финансиската полиција, УЈП и на Финансиското разузнавање. Деновиве, тој хаос излезе на површина, со меѓусебни обвинувања, напади, а резултатот е сѐ да остане и да се одвива како и досега“, велат од партијата. Демократскиот сојуз ја повика Владата да го донесе законот за една изборна единица и да се оди на предвремени парламентарни избори наместо да замајува со уставни измени како предуслов за преговорите со ЕУ.