JАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО: ЗА ПРЕДМЕТОТ СО АВСТРИСКАТА ФИРМА СЕ
ПОСТАПУВА ИСКЛУЧИТЕЛНО АЖУРНО

Јавното обвинителството тврди дека се постапува исклучително ажурно за предметот со
австриската фирма „АММА ДОО Хоенемс“ за која зборуваше австрискиот амбасадор во
земјата, Георг Вуцас. Реакцијата следува по обвинувањето на Вуцас дека се одложува
процесот за наплата на долг од 4,5 милиони евра, што фирма поврзана со експремиерот
Зоран Заев го има кон австриската. Амбасадорот бараше смена на судии и обвинители. Од
Обвинителството информираа дека компанијата поднела три кривични пријави.
„Наведеното правно лице во 2021 година до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднело кривична пријава за кривично дело измама и злоупотреба на службената положба.
Надлежниот јавен обвинител, по проверка на сите наводи, не утврдил елементи на
наведените кривични дела, туку елементи на граѓанско-правен однос за кој оштетените
воделе постапка, која е завршена пред Меѓународниот центар за арбитража во Виена,
Австрија. По изјавената жалба на решението, предметот се наоѓа на постапување во
Вишото јавно обвинителство Скопје. Во меѓувреме, истото правно лице поднесе пријава
до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело оштетување или
повластување доверители. Пријавата е примена на 26.5.2023 година и надлежниот јавен
обвинител веќе постапува, прибира докази, а по потреба, ќе нареди и соодветни
вештачења. До Основното јавно обвинителство Скопје, пак, истото правно лице, на
23.6.2023 година поднесе кривична пријава против непознати службени лица во
Агенцијата за катастар за недвижностите за несовесно работење во службата,
фалсификување службена исправа и компјутерски фалсификат. Пријавата веќе е
распоредена кај јавен обвинител, се проучува и се преземаат дејства со цел да се испитаат
наводите, да се обезбедат докази и да се идентификуваат евентуални сторители. Иако во
конкретниот случај во основа станува збор за граѓанско-правен однос меѓу правните
субјекти, а нивните права се обезбедуваат во соодветни судски и други постапки, по
поднесените кривични пријави, се постапува исклучително ажурно“, велат од
Обвинителството.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*