Битолските лекари од Педијатрија, нема да одговараат кривично за смртта на шест
годишната Јана Христовска од битолското село Кравари, која почина на 22 март во
битолската болница. Основното јавно обвинителство од Битола констатира дека нема
елементи на кривичното дело Несовесно лекување болни, за ниту еден здравствен
работник инволвиран во лекувањето на детето. Во информацијата доставена до Независен,
Основното јавно обвинителство Битола информира дека до семејството на починатото
девојче го доставило интегрално извештајот од Институтот за судска медицина во кој
експлицитно е наведено дека во постапувањето на медицинскиот персонал кој го лекувал
девојчето на 22.03.2023 година не се содржани елементи на кривичното дело Несовесно
лекување болни од член 207 од КЗ или некое друго кривично дело кое се гони по службена
должност. „Имено, согласно вештиот наод, утврдено е дека постапките на сите
здравствени работници кои биле вклучени во лекувањето биле во согласност со сите
правила и начела на медицината. Имајќи го предвид ваквото вештачење кое беше
засновано на целокупната медицинска документација, здравствената историја на
починатата и наодот од обдукција, како и исказите на испитаните здравствени работници и
на родителите, обвинителството достави известување до семејството дека во конкретниот
случај нема основ за натамошно јавнообвинителско постапување“, стои во информацијата
од ОЈО. Од обвинителство велат дека остануваат отворени да ги разгледаат „сите
евентуални иницијативи за дополнителни проверки кои ги најавуваат застапниците на
оштетеното семејство, иако до овој момент такви иницијативи не се пристигнати во
надлежното обвинителство“. Исто така, материјалите врз основа на кои се вршеа сите
вештачења се наоѓаат во обвинителскиот предмет и ќе им бидат достапни на оштетените
со цел доколку имаат потреба да извршат и независна експертиза, потврдуваат од ОЈО
Битола. Битолчани, веќе најавуваат нов организиран протест пред ОЈО Битола за утре во
19 часот, незадоволни од одлуката на Обвинителството. Родителите на малата Јана,
Кристина и Стојче Христовски уште вчера јавно коментираат дека извештајот од Судска
медицина е „жив срам“. Семејството Христовски не го прифаќа вештачењето дека „Јана
имала бронхопневмонија тешка која го зафатила срцевиот мускул и дошло до срцев удар“.