ОСУМДЕСЕТ ГОДИНИ ОД МАСАКРОТ КАЈ ВАТАША: ДА НЕ СЕ ЗАБОРАВИ И ДА НЕ
СЕ ПОВТОРИ

Во месноста Моклиште кај кавадаречкото село Ваташа, денеска беа одбележани 80 години
од стрелањето на 12 младинци од страна на бугарските окупаторски војски за време на
Втората светска војна. Во изјава за медиумите, министерката за култура, Бисера
Костадиновска Стојчевска рече дека после 80 години од убиството на 12 млади ваташки
деца, денес болката е сè поприсутна и споменот е сè поприсутен. „Наша должност е овој
грозоморен чин што пред 80 години го извела тогашната бугарска фашистичка влада,
никогаш повеќе да не се случи. Токму затоа имаме чест да бидеме тука, да дадеме
признание на семејствата на 12 загинати младинци и да испратиме порака, оваа крвава
страна од историјата што ја испишала тогашната фашистичка влада, никогаш повеќе не
смее да се повтори“, нагласи министерката. Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев
за медиумите рече дека во чест на младинците, општината Кавадарци изготви 12 бисти.
Денеска бистите беа свечено откриени, а се отвори и спомен соба во чест на децата кои
биле стрелани. Претседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за
медиумите рече дека денеска е посебен ден за Кавадарци и за Македонија и за жителите на
Ваташа. „Овие 12 младинци се убиени на ѕверски начин од страна на бугарскиот
фашистички окупатор за време на Втората светска војна и тоа е чин што треба сите да нѐ
обедини. Тоа е чин што не треба никогаш да го заборавиме.денеска голем дел од луѓето
коишто се активни на политичката сцена во лов на сопствена политичка кариера и ден
повеќе да бидат активни во политиката подготвени се дури и ваквите моменти да ги
заборават, да ги избрусат, како што тоа го правеа многу пати во минатото со брусење на
некои други хералдички знаци коишто се дел од македонското минато“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повика министерот за надворешни
работи Бујар Османи да ја покани бугарската колешка Марија Габриел да клекне пред
споменикот на убиените 12 младинци во Ваташа и да побара прошка. „Бујар Османи нема
кредибилитет да преговара за мојот македонски идентитет и да ми кажува што мисли
Бугарија за мене. Многупати во минатото со своите постапки наместо како министер за
надворешени работи на Македонија во земја во која мнозински народ е македонскиот, да
покаже почитување, тој не само што не покажал туку и го погазил. Го советувам Османи
да го советува новиот бугарски министер за надворешни работи да земе пример од една
европска земја, да дојде овде на споменикот во Ваташа, да клекне и да се извини и да
побара прошка за тоа што го направил бугарскиот фашистички окупатор во Втората
светска војна. Тогаш можеме да седнеме и да размислуваме за какво било простување, за
каква било прошка“, рече Мицкоски. Тој потсети дека германскиот канцелар Вили Брант
на тој начин ѝ се извинил на Полска. Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето присуствуваше генералниот секретар Миле Бошњаковски, кој полоши
цвеќе пред споменикот на 12 младинци кои беа убиени на 16 јуни 1943 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*