Спасовски на Регионален настан „Зајакнување на отпорноста на организиран криминал и корупција помеѓу младите во Југоисточна Европа“: Превенцијата на детско престапништво и зголемување на отпорноста на младите од сите видови криминал е стратешки приоритет

Денеска, (06.06.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше со свое видео обраќање на Регионалниот настан „Зајакнување на отпорноста на организиран криминал и корупција помеѓу младите во Југоисточна Европа“, во рамки на Претседавањето на Република Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, а во заедничка организација на Одделот за транснационални закани на ОБСЕ и Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал.

„Токму овие две области се клучни полиња во кои Европската Унија, односно Европската комисија со години упатува забелешки и дава препораки за натамошно подобрување. Притоа, организираниот криминал и корупцијата се и области во чијашто борба и превенција Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија вложува материјално-технички, но и човечки ресурси за надградба на своите капацитети. Воедно, несебично сме вклучени во меѓународната соработка, воспоставена на експертско и оперативно ниво, со цел етаблирање и поттикнување на култура на заедничко и посветено дејствување во борбата против овие феномени”, истакна министерот Спасовски на почетокот од своето поздравно обраќање.

Говорејќи за превенцијата на детското престапништво и зголемувањето на отпорноста на младите од сите видови криминал во Република Северна Македонија како прашање од стратешки приоритет за добросостојба на децата, семејствата и општеството во целина, министерот Спасовски рече:

„Во декември 2019 година, Министерството за труд и социјална политика ја донесе Националната стратегија и Акцискиот план за превенција и заштита на децата од насилство за периодот 2020 до 2025 година, во кои претставници од Министерството за внатрешни работи, заедно со други релевантни институции и меѓународни партнери имаа активно учество како во изготвувањето, така и во нивното спроведување. Законските услови за превентивно дејствување се поставени, пред сѐ, во Законот за правда на децата, во кој едно од најзначајните начела е токму превенцијата. Врз основа на овој закон уште во 2009 година е воспоставен и Државниот совет за превенција на детско престапништво, во кој членуваат професионалци, стручни и научни работници, претставници од државните и јавните установи, приватниот сектор и граѓанските здруженија со цел организиран пристап во превенцијата на детско престапништво. Со донесување на Законот за правда за децата, Република Северна Македонија направи голем исчекор во делот на заштитата на правата и интересите на децата, а со новиот концепт на Законот се постигна усогласување со меѓународните стандарди за правда за децата и се создаде еден сеопфатен концепт насочен во полза на децата кои дошле во контакт со правниот систем, а во нивен најдобар интерес”, нагласи министерот Спасовски.

На крајот од своето видео обраќање, министерот Спасовски подвлече дека 2023 година е успешна година за Министерството за внатрешни работи на планот на оперативната меѓународна соработка, а сè попризнати се и успесите во остварувањето на својата репресивна функција.

„Убеден сум дека со одржување на вакви настани и со зајакнување на меѓусебната доверба и дијалог, ќе можеме за многу скоро време да кажеме дека превенцијата на криминалот и криминалните феномени во Република Северна Македонија добиваат на интензитет, а резултатите  бележат континуиран растечки тренд”, рече министерот Спасовски, посакувајќи успешна работа на регионалниот настан.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*