Премиерот Ковачевски на Форумот на ГЛОБСЕК 2023: Економски силен Балкан само со членство во ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска на Форумот на ГЛОБСЕК 2023 во Братислава, се обрати на панел на тема: „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“.

Ковачевски говореше за предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, истакнувајќи ја важноста од создавање на услови за соработка и поттикнување на економскиот раст на државите во регионот. 

Претседателот на Владата, ја истакна и улогата на Европската Унија за економски просперитет на Западен Балкан и изнаоѓање начини за меѓународните партнерства.
 
Наместо Балканот да се стигматизира, Ковачевски истакна дека понекогаш е добро да се слушнат размислувања и на земјите од југоисточна Европа кога станува збор за  прашања кои се во интерес на ЕУ како целина и Европа како континент. 

Поддршката од европските фондови е клучна за развојот на земјите од Балканот, а членството во ЕУ е единствениот пат за нивен напредок.  

„Кога јазот се зголемува во економска смисла тоа значи дека нивото на образование се намалува, инфраструктуриниот јаз се зголемува, транспортниот јаз се зголемува имаме зголемување на јазот и во ефикасноста на институциите. Сметам дека ЕУ по војната во Украина ја сфати стратешката грешка која ја направи пред неколку години кога ни беше наметнато вето нам на Северна Македонија и на Албанија. Кога ќе направите стратешка грешка не може да ја решите за 5 минути. 

Стратешките грешки имаат свој ефект во период од 5 до 10 години најмалку. Знам дека претседателката на Европската Комисија е голем пријател на нашите земји, а и личен пријател којшто ни помогна во најпредизвикувачките времиња, затоа што неколку години работиме во ситуација на криза со пандемијата, економската, енергетската криза. Помошта што ја добивме беше потребна, нужна во тоа време но исто така морам да потенцирам дека нашиот народ, нашите институции, заедно со премиерите на Албанија и Грција, работиме заедно се со цел да ја решиме кризата и ја поминавме зимата“, рече премиерот.

Ковачевски потенцираше дека земјите во југоисточна Еворпа па и во Источна Европа, се економски силни, затоа што се членки на ЕУ. Правејќи споредба со стандардот на поранешна Југославија, Ковачевски рече дека стандардот тогаш бил 10 пати поголем од стандардот на некои сегашни земји членки на ЕУ.

„Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на Словачка, Полска, Унгарија, Бугарија, Романија заедно. А стандардот на вашите земји, затоа што тука гледам луѓе од Словачка, Чешка сега е подобар само поради тоа што сте членки на ЕУ.  Патот на напредување на Западен Балкан, како што велите вие е членство во ЕУ. Дали ќе дојде тоа одеднаш или секторски тоа начинот на кој ќе се спроведува“ рече Ковачевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*