Османи организираше прием за дијаспората во Министерството за надворешни работи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес беше домаќин на нашите граѓани кои живеат во странство, а кои деновиве летните одмори ги поминуваат во Република Северна Македонија.

 

Посакувајќи им добредојде, Османи упати благодарност до дијаспората за нивниот придонес во пренесување на позитивната порака и слика за нашата држава, како и придонесот за целокупниот економски и општествен развој на Северна Македонија.

 

Се работи за „огромен потенцијал на млади и образовани кадри, кои се најдобри во своите професии и за чие знаење и вештини има потреба средината од каде потекнуваат и на која редовно се враќаат“, нагласи Османи.

 

Тој  ги запозна гостите со многубројните проекти на Министерството за надворешни работи,  каде се префрлени целокупните надлежности поврзани со дијаспората –фиксните базни станици за издавање на патни исправи, со што значително ќе се скрати постапката;  проектот на дигитализација на голем дел од конзуларните услуги, тн. Е-конзулат; реактивирање на финансиската поддршка за проекти од дијаспората, кое беше прекинато поради пандемијата; формирање на парламентарна група за соработка со дијаспората; анализа за потребата за донесување на закон за дијаспора и други. До одлуката за донесување на закон, во меѓувреме ќе се издаде Бела книга, каде детално би се наброиле погодностите кои се нудат на дијаспората, а кои не се систематски обработени во еден документ.

 

Во своето обраќање, Османи порача дека својот мандат ќе го посвети на создавање услови за секој кој има желба да може да се врати во државата, посочувајќи меѓу другото и на проектот МКарта, како признание и потврда за истакнати личности и поединци кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажуваат истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*