„Планот за економски раст, донесен во 2017 година, има за цел да одговори на барањата на домашните компании за да се овозможи транспарентна поддршка, со еднакви можности за сите компании, независно од сопственоста на капиталот или големината на компанијата. Тој план го операционализиравме преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Среднорочната програма за поддршка на микро, мали и средни компании на ФИТР. Една од придобивките на Планот за економски раст е што на некој начин ги стимулиравме домашните компании да размислуваат на среден па и на долг рок, да имаат стратешки пристап кон развојот, а со Законот им обезбедивме сигурност дека државата ќе стои покрај нив и ќе ги поддржува нивните инвестициски зафати“, нагласи вицепремиерот Битиќи за време на економскиот форум „Дали субвенциите создаваат подобри претријатија? Или подобрите претријатија добиваат повисоки субвенции?“, во организација на „Фајнанс Тинк“, со поддршка на Амбасадата на Кралство Норвешка и „Балканскиот труст за демoкратија“.
Вицепремиерот соопшти дека преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции потпишани се договори за финансиска поддршка со 245 субјекти, поддршката исплатена во овие три години изнесува околу 20 милиони евра, а компаниите во своите бизнис планови за петгодишен циклус презентираа инвестиции од 411 милиони евра, од кои досега веќе инвестирале околу 150 милиони евра. Преку инструментите на ФИТР, обезбедена е поддршка за микро, малите и средни компании, во портфолиото се вклучени 550 компании, а нивните инвестиции се околу 75 милиони евра од кои околу 60% или 42 милиони евра, се средства за поддршка од ФИТР.
„Ефектот кој би сакале да го постигнеме е да ги зацврснеме домашните производствени компании, од една страна да бидат конкурентни на меѓународните пазари и да го зголемуваат извозот на производи со повисока додадена вредност, а од друга страна да стануваат се поатрактивни партнери на големите глобални компании и да се вклучуваат во синџирите за набавка. Само на тој начин би можеле да поттикнеме побрз, но и одржлив раст и развој на домашната економија“, нагласи Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи информираше и дека во подготовка се и измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со цел да се амортизираат ефектите од коронакризата и ова ќе претставува дополнителна помош за компаниите. Дополнително извести дека во план е воспоставување на единствен регистар за државна помош, а државната помош ќе биде опфатена и во Националната развојна стратегија 2021-2041 која ќе даде јасен видик за целно насочување на државната помош за истата да дава уште поголем импакт.
„Мислам дека ова е одлична можност да го најавам Единствениот регистар за државна помош, проект кој го започнавме на почетокот на оваа година. Државниот регистар за државна помош ќе биде единствена точка за контакт за информации за државна помош. Процесот ќе биде комплетно дигитализиран од почеток до крај – информација, аплицирање и одобрување. Ова ќе допринесе за хармонизирање на планирањето и буџетирањето на државната помош. Компаниите и граѓаните ќе добијат транспарентен и отчетен систем за државна помош, во кој ќе биде сведено на минимум субјективното согледување и проценка“, потенцираше Битиќи.
Покрај вицепремиерот Битиќи, на економскиот форум зборуваа и директорот на дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Јован Деспотовски, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров и раководителот на Секторот за економски прашања, градење институции и прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ, Фрејк Јанмат, а резултатите од анализата спроведена од „Фајнанс Тинк“ ги презентираше Марјан Петрески.
Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, кој беше и директор на ФИТР, даде кус осврт на податоците од анализата претставена од „Фајнанс Тинк“, при што истакна дека резултатите од изминатите три години се само вовед во големата приказна – Северна Македонија ќе се фокусира само на квалитетни проекти.
„Овие податоци покажуваат дека моделот кој го воведовме во ФИТР дава конкретни резултати и добива меѓународна и експертска валоризација. Филозофијата на работење и моделот на однесување како паметен приватен инвеститор и домаќински ги вложуваме парите од граѓаните ја пресликавме и во ТИРЗ каде веќе го спроведуваме новиот развоен концепт за поттикнување инвестиции. Нашиот пристап е дека парите кои ги вложуваме треба да имаат поврат, а додадената вредност на самиот проект е тоа што треба да не движи напред. Во иднина резултатите на постоечките партнери ќе се причината поради која ќе привлечеме нови за да растеме заедно – и компаниите кои ќе инвестираат и нашата економија. Вртиме нов лист на трансформација на македонската економија“, посочи Деспотовски.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров посочи дека поддршката која се нуди на компаниите ќе биде уште поинтензивна во периодот кој следи.
“Горд сум на успесите на тимот на ФИТР и се надевам дека сегашната форма на поддршка која ја нудиме на стартап компаниите ќе ја однесеме на многу повисоко ниво. ФИТР во изминатиот период интензивно работи на подостапна поддршка на стартапите, каде во соработка со големите корпорации и финансискиот сектор, ќе им излеземе во пресрет на потребите на компаниите во периодот на развој. Сметам дека ова е клучен период за компаниите, во период на кризата предизвикана од Ковид 19 и се надевам дека државата заедно со приватниот сектор заеднички ќе успееме успешно да одговориме на предизвиците” нагласи директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров.