Обраќање на претседателот Пендаровски на одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик

Претседателот Стево Пендаровски денеска на одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, се обрати на свечената промоција на електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик, кој претставува повеќедецениски труд на лингвистите од Институтот за македонски јазик.

„Вложувањето во македонскиот јазик и литература не е трошење на ресурсите, туку градење на нашата единствена комплетна татковина, како дел од европскиот културен и образовен простор“, порача претседателот Пендаровски, на настанот што се одржа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски, а од линковите може да преземете видео материјали:

Инсерти:https://youtu.be/n5DUrBXeqhk

Обраќање: https://youtu.be/opTQ-BxoooU

Почитувани присутни,

Драги пријатели,

Чест ми е да ве поздравам како покровител на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески.

На 5 мај 1945 година, во првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ е објавено решението за македонската азбука усвоено од тогашната Народна Влада. Тоа решение било изготвено од АСНОМ-ската Комисија за азбука и правопис, чиј член бил и Блаже Конески. Иако е само еден од низата важни историски датуми за развојот и кодификацијата на нашиот литературен јазик, токму 5 мај, во 2019 година, по предлог од Советот за македонски јазик, беше прогласен од Владата за ден на македонскиот јазик.

Речиси половина век подоцна, на 17 ноември 1993 година, повторно, во „Нова Македонија“, е објавен последниот текст на Блаже Конески. Во таа кратка статија објавена непосредно пред неговата смрт, Конески не соочува со дилемата што го следела целиот негов живот: вреди ли да се пишува на јазик на мал народ, што често бил негиран? Тој сведочи дека не еднаш колегите од странство го советувале неговиот талент да го вложи во некој од тн. големи, светски јазици, наместо да го троши на еден „мал“ јазик каков што е македонскиот.

Конески одговорил дека напуштањето на творењето на македонски јазик би било за него интимен пораз и изневерување на неговата генерација, на неговите врсници понесени од македонската национална идеја. А ние денес можеме да додадеме, ако тоа се случи, тоа ќе биде пораз не само на неговата, туку и на сите претходни и на сите идни генерации Македонци.

Ценети присутни,

Конески бил свесен дека македонскиот јазик и македонската писменост имаат свој долг временски континуитет. Процесот што започнал низ народните наречја и преродбениците во 19-от век, кулминирал со Крсте Петков Мисирков кој, според зборовите на Конески „уште на почетокот на 20 век прави целосен и промислен проект за кодификација на нашиот литературен јазик.“

За овој временски континуитет зборува и тоа што македонскиот правопис во 1945-та и решенијата на АСНОМ-ската Комисија се совпаѓале со предлогот на Мисирков. Конески сведочи дека во 1945-та воопшто не се дискутирало прашањето за основата на македонскиот литературен јазик, бидејќи тоа било веќе одамна апсолвирано. Се разбира, јазикот е жива материја и како и сите други балкански јазици, и македонскиот еволуирал, се адаптирал, попримал влијанија, но и самиот влијаел и тоа се факти што се недвосмислено верификувани од светската лингвистичка наука.

Во една од своите поеми, Конески го споредува континуитетот на македонскиот јазик со ракување меѓу генерациите, меѓу просветителите, преродбениците и предвоените поети.

Тоа ракување меѓу генерациите е истовремено и чин на пренесување на наследството. Неодамна се простивме од професорот Трајко Стаматовски, еден од последните од генерацијата која заедно со Конески, Видоески, Корубин, Кепески, Јашар Настева, Угринова Скаловска и цела плејада лингвисти, слависти, писатели, поети, преведувачи и фолклористи го насочија вниманието на европската и светската лингвистичка и книжевна јавност кон македонскиот јазик. Таа генерација е заслужна што македонскиот стана јазик на образованието, науката, уметноста, не само кај нас, туку и на многу универзитети во Европа и светот. Таа генерација ги изгради најважните академски институции, почнувајќи од Филолошкиот факултет, преку МАНУ, па се до институтите за македонски јазик, за македонска литература и за фолклор. Генерацијата на Конески ги внесе македонскиот јазик и неговите дијалекти во Општословенскиот и во Европскиот лингвистички атлас. Таа космополитска генерација ги крстосуваше меридијаните и ја ширеше мрежата на македонисти низ светот. Тие врвни интелектуалци ги започнаа и Струшките вечери на поезијата во спомен на 100 годишнината од издавањето на Зборникот на Миладиновци. Таа творечка генерација, во наследство ни остави непроценливо богатство.

Почитувани присутни,

Конески, како и Мисирков пред него, бил свесен дека јазикот ја дели судбината на народот што е негов носител. Македонскиот јазик му дава легитимитет на македонскиот идентитет. И затоа, Конески сметал дека „нашето јазично прашање ние сами треба да го решаваме и никој нема право да ни се меша во тоа.“ Македонскиот јазик е наше природно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија.

Затоа, и со последната статија Конески не потсетува на нашата обврска да го продолжиме делото на неговата генерација вложувајќи во македонскиот јазик. Тоа подразбира активно да ги поддржуваме домашните и меѓународните научни истражувања и проекти во сите области поврзани со македонскиот јазик и неговите дијалекти. Да вложуваме во македонскиот образовен систем, во студиите, катедрите, лекторатите и издаваштвото, да вложуваме во македонистите во земјава и странство, во творечките потфати на нашите писатели и поети. На тој начин, ќе стоиме обединети во одбраната на македонскиот јазик.

Иако има релативно мал број говорители, македонскиот јазик не смее да подлежи на пазарната логика. Тој е внатрешниот фундамент на секој од нас, претпоставка за нашето постоење како Македонци и мора да го третираме како таков. Бидејќи, вложувањето во македонскиот јазик и литература не е трошење на ресурсите, туку градење на нашата единствена комплетна татковина, како дел од европскиот културен и образовен простор.

Нека ни е за многу години денот на македонскиот јазик!

Ви благодарам.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*