Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на Брисел, денеска оствари средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На средбата беше дискутирано за соработката меѓу Република Северна Македонија и НАТО Алијансата, за актуелните регионални и безбедносни прашања, за надворешно-политичките приоритети на земјава и за можностите за продлабочување на соработката во справување со последиците од глобалната пандемија на Ковид-19.
Претседателот Пендаровски во разговорот со Генералниот секретар, Столтенберг, ја реафирмираше подготвеноста и посветеноста на Република Северна Македонија во промовирање на мирот и стабилноста, истакнувајќи дека земјава и во иднина активно ќе придонесува во меѓународните мировни мисии предводени од НАТО во регионот и пошироко.
Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на претседателот Пендаровски дадена на заедничката прес-конференција, по завршување на средбата, а од линковите може да преземете видео материјали:
Инсерти: https://youtu.be/1Y1_lZHZfgQ
Изјави: https://youtu.be/tTxXIbJX7Q4
г. Генерален секретар,
Драги пријатели,
Ова е моја прва посета на НАТО како Претседател на Република Северна Македонија. Неодамна, на 27 март, ја одбележавме првата годишнина од нашето членство во НАТО. Ни требаа многу години, донесовме многу тешки одлуки, но бевме упорни во остварувањето на нашата стратешка цел. Веруваме дека членството во НАТО е многу важно за одржување на безбедноста и стабилноста како предуслов за просперитет и зајакнување на демократските институции. Би сакал лично да ви се заблагодарам Вам, г. Генерален секретар, за важната улога и ангажман во успешното завршување на процесот.
Нашето членство се совпадна со избувнувањето на пандемијата и во почетните месеци на оваа глобална криза, македонските граѓани ја искусија важноста на солидарноста во НАТО, бидејќи добивме вредна поддршка од земјите-членки, како и од самата организација. Би сакал да ја искористам оваа можност и, во име на нашиот народ, уште еднаш да изразам благодарност за оваа многу потребна помош, пружена во многу тежок период за сите нас.
Пандемијата, се разбира, е само еден од предизвиците на хоризонтот. Како членка на НАТО, активно ќе учествуваме во справувањето со традиционалните и новите закани. А тоа ние ќе го сториме на најмалку три начини.
Прво, со инвестирање во одбраната. Нашиот сегашен буџет за одбрана е на 1,57% од БДП. Ние сме посветени на постигнување на прагот од 2% до 2024 година, во рамките на кој веќе одвојуваме 20% од буџетот за модернизација на нашата армија, во согласност со сите стандарди на НАТО.
Второ, со продолжување на реформите во одбраната. Членството во НАТО ни помага да ја зајакнеме отпорноста на нашиот безбедносен систем, особено кога станува збор за предизвици наметнати од трети страни. Бидејќи сме мета на хибридни закани во последните неколку години и се наоѓаме во кревка област каде што сè уште има отворени прашања, соработката со разузнавачките и безбедносните структури на НАТО е од најголема важност за Северна Македонија.
Трето, со заедничко извезување на безбедност преку операции предводени од НАТО. Години пред да станеме членка, дел сме од мисијата на НАТО во Авганистан, а неодамна станавме земја која распореди свои сили во КФОР. Ја поздравуваме одлуката да се започне со повлекување на мисијата „Решителна поддршка“ на НАТО до 1 мај. Сепак, нашата намера е да останеме вклучени во сите мисии предводени од НАТО денес и во иднина.
Драги пријатели,
Претстојниот самит на НАТО ќе биде добра прилика да се разговара за новите предизвици, но исто така и за зајакнување на транс-атлантското партнерство што, без сомнение, ќе има позитивно влијание врз стабилноста на Западен Балкан.
За време на нашата средба со Генералниот секретар, разменивме мислења за сите овие теми, но исто така и за тековната иницијатива НАТО 2030 која има за цел да ја направи силната Алијанса уште посилна.
г. Генерален секретар, драг Јенс, уште еднаш, благодарам за гостопримството и поддршката.