За подобра деловна клима и забрзан и одржлив економски раст, потребно е во континуитет да се работи на екосистем со нула корупција и праведна (лојална) конкуренција, каде сите ќе го плаќаат својот дел од давачките. Во оваа насока се и 16-те мерки од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија на Министерството за финансии и 18-те мерки од „Акција 21“ – планот за сузбивање на корупција, за кои министерот за финансии Фатмир Бесими и заменикот на претседателот на Владата за борба против корупција, криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски дискутираа со претставници на бизнис секторот.
На дискусијата, покрај министрите, присуствуваа и директорите на Управата за јавни приходи, Царинска управа, Управата за финансиско разузнавање, Финансиската полиција и Девизниот инспекторат, додека од бизнис заедницата присуствуваа претставници на Стопанската комора, Сојузот Стопански комори, Комората на Северозападна Македонија, Советот на странски инвеститори, Асоцијацијата на компании со технолошко напредно искуство, Делегацијата на германското стопанство, Американската стопанска комора, МАСИТ, МАТТО и Асоцијацијата за е-трговија.
Министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека сивата економија ја поткопува конкурентноста на фирмите и поединците и претставува неправична и незаконска “предност” на оние кои не ги исполнуваат законските обврски. Министерот рече дека сивата економија го нарушува интегритетот на целиот наш даночен систем, влијае штетно на буџетот и наплатата на приходите и со тоа ги скратува средствата за инвестиции во подобрo и поквалитетно здравство, образование и услуги за сите граѓани.
Бесими истакна дека целта на Акцискиот план за сузбивање на сивата економија на Министерството за финансии е преку дефинирани мерки и активности да ги зајакне механизмите за сузбивање на сивата економија. Тој посочи дека планот содржи 6 приоритети: 1) Унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сива економија; 2) Ефикасни инспекциски служби; 3) Подобро деловно окружување за основање, раст и развој на компаниите; 4) Јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночен морал; 5) Адресирање на сивата економија во е-трговија и 6) Мерки на Царинската управа во борбата против неформалната економија. Со спроведување на мерките и активностите во контест на овие приоритети се очекува намалување на сивата економија на среден рок за околу 5 процентни поени, која сега се проценува на околу 37% од БДП согласно индикаторите на Меѓународниот монетарен фонд.
“Усвојувањето на овој акциски план е резултат на заложбата на државата да ја намали сивата економија, имајќи во предвид дека нема земја каде што сивата економија, како феномен, не постои. Одговорност е на државата да ја подобрува правната и економска околина во која најлесен и најисплатлив начин за развој на бизнисите е легалното работење, водејќи се по принципите на рамоноправност, објективност и транспарентност, преку обезбедување на јасни прописи и правила лесни за следење и почитување, како и обезбедување на санкции за оние кои не ги применуваат и почитуваат”, посочи Бесими.
Вицепремиерот Николовски посочи дека заедно со неговиот тим активно работат на следење на економските процеси и подобрување на економските текови, преку креирање на соодветни мерки што помагаат во постојаната борба со корупцијата и криминалот. Овие мерки значително придонесуваат за зајакнување на бизнис секторот и бизнис релациите во истиот и создаваат состојби за непречено функционирање на компаниите. Во овој поглед се и интервенциите кои се предвидени во делот на јавните набавки, како и воспоставувањето на единствена точка за издавање на лиценци за соодветни компании.
Николовски рече дека системските решенија претставени во Планот за борба против корупцијата значително помагаат во поглед на креирањето на поволна бизнис клима, нудат сигурност и отвараат можности за развој на економијата во Северна Македонија.
„Корупцијата како општествено лоша појава предизвикува несакани последици кои го нарушуваат доброто менаџирање и управување со бизнисите. Од исклучителна важност е да обезбедиме услови преку системски решенија и закони кои ќе овозможат напредок на бизнисот, кои ќе придонесат за отварање на нови претпријатија,ќе ја зголемуваат трговијата и извозот и кои ќе овозможат отварање на поголем број на работни места за младите генерации кои се нашата иднина“, посочи Николовски.
Од бизнис-заедницата беше посочено дека делувањето во насока на решавање на овие два горливи проблеми, односно сивата економија и корупцијата, се неопходни за градењето на еден здрав економски систем кој ќе продуцира додаена вредност и економски раст.