МВР и ДЕА полициска акција, запленети 800 илјади евра вредни дроги

Денеска ОВР Кавадарци до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава за организирана криминална група, и тоа против Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје, поради постоење основи на сомневање дека го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Имено, Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, во соработка со Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка на Американската служба за борба против дрога – ДЕА спроведоа повеќемесечна истрага, во координација и по насоки на Јавен обвинител од ОЈОГОКК, а во текот на вчерашниот ден беше реализирана заеднички координирана акција, при што на патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на с.Раец биле запрени патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З.. Веднаш потоа е запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистраски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога. Лицата се лишени од слобода и од извршеното вештачење на пронајдената дрога е утврдено дека станува збор за марихуана во вкупна количина од околу 200 килограми.
Во Прилеп, во исто време, е лишен од слобода и М.С., кој управувал товарно возило „ивеко“, со битолски регистарски ознаки, додека во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и организаторот на криминалната група Д.Ј., кој управувал патничко возило „опел астра“, со скопски регистарски ознаки.

При извршен претрес кај А.У. во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, за што ќе му биде поднесена и кривична пријава за кривично дело по член 396 од Кривичниот законик, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели. При претрес кај М.З. во Куманово, пронајдени се два пиштола и куршуми, а поголема количина парични средства се пронајдени и при претрес кај К.С. во Прилеп, полициски службеник. При претресот кај Д.Ј. од Струмица пронајдени и одземени се мобилни телефони и сим картички, парични средства,а при негов личен претрес е пронајдена марихуана. Претрес бил извршен и кај М.С. во Битола, при што биле пронајдени парични средства и обоени банкноти од евра кои потекнуваат од кражба на банкомат.

По наредба на Јавен обвинител и добиена наредба од Судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, во текот на ноќта е извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, со кои соработувал А.У..

Сите шест лица се лишени од слобода и денеска ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд, а продолжува интензивна истрага со цел идентификување на други инволвирани лица во неовластена набавка, држење, пренесување и продажба на наркотична дрога. Министерството за внатрешни работи продолжува со бескомпромисната борба со криминалот!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*