Средба на министерот Спасовски со претставници од Делегацијата на ЕУ

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со државниот секретар Магдалена Несторовска, денеска во Министерството за внатрешни работи одржаа работен состанок со претставници на Делегацијата на Европската Унија, предводени од раководителот на Одделот за соработка, Никола Бертолини.

На состанокот беа разгледани динамиката и прогресот од досегашната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Делегацијата на Европската Унија, во делот на спроведувањето на проектите финансирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), меѓу кои имплементација на системот за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата и модернизација на ИТ инфраструктурата во седиштето на МВР, воспоставување на нов Прифатен центар за странци, изградба на нова зграда за Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења и нејзина акредитација согласно ISO 17025 стандардот, усогласување на националните системи со ЕУ и Шенген барањата во областа на граничното управување и др.

Од страна на Никола Бертолини беше изразено задоволство од постигнатото во рамки на проектите што во моментот се спроведуваат во Министерството, а министерот Спасовски во име на Министерството за внатрешни работи изрази благодарност на Делегацијата на ЕУ за досегашната поддршка, истакнувајќи дека таа е од исклучителна важност за Министерството, поради што на располагање се сите ресурси со цел максимално и рационално искористување на финансиската поддршка која е наменета за постигнување на европските стандарди во полициското работење.

На крајот од состанокот двајцата соговорници изразија подготвеност со целосна посветеност да се продолжи со спроведување на активностите во рамки на проектите кои во моментот се спроведуваат, како дел од ИПА програмата во рамките на Министерството за внатрешни работи и уверување за продолжување на одличната соработка и во иднина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*