Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими министерот за одбрана на Народна Република Кина, генерал Веи Фенгхе, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, кои се карактеризираат со пријателство, меѓусебно разбирање и почит.
Претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија, која е членка на НАТО и земја-кандидат за членство во Европската Унија, ќе соработува со Народна Република Кина во рамки на „Процесот за соработка 17+1“.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната техничка помош доделена од Народна Република Кина која се реализира преку проекти во различни области. Посебна благодарност претседателот Пендаровски упати за доделената помош во борбата против Ковид-19, преку доделување на финансиски средства и заштитна опрема.
Претседателот Пендаровски ги истакна очекувањата за скорешно финализирање на набавката на вакцини од кинеската компанија „Синофарм“, што е од особена важност за непречена реализација на масовната имунизација на населението против Ковид-19.