Кундурос до државните институции на Република Северна Македонија и претставниците на сите дипломатски мисии во Скопје

По повод прославувањето на Денот на независноста на Грција на 25ти март и обележувањето 200 години од започнувањето на грчката борба за независност и основањето на современата грчка држава, амбасадорот на Хеленската Република во Северна Македонија, Русос Кундурос, го доставува до државните институции на Република Северна Македонија и до претставниците на сите дипломатски мисии во Скопје следново писмо:

 

“Почитувани,

 

На 25-ти март Хеленската Република прославува 200 години од започнувањето на Грчката револуција во 1821 година.

 

Револуцијата на оваа историска нација против османлиската власт беше инспирирана од европското просветителство како и од највисоките идеали за национална самостојност, за поделба на власта, за слобода и еднаквост на граѓаните на Американската и Француската револуција. Истата претставуваше значаен настан од сеевропски размери и нејзиниот успех остави белег врз историјата на регионов во целина.

 

Денеска ние, Γрците, им оддаваме почит на големите патриоти и протагонисти во оваа благородна борба. Им оддаваме почит на сите грци од тоа време од Епир, Македонија и од Егејските острови, па се до Крит и Кипар, како и на оние од дијаспората во Европа, кои се кренаа и се жртвуваа самите за слободата на Грција во време на тешки околности и против сите неприлики.

 

Подеднакво им оддаваме почит и на хеленофилите од Европа и Америка, кои како волонтери се бореа рамо до рамо со Γрците.

 

Револуцијата доведе до осамостојување на Грција и основање на современата грчка држава. Нејзиното едно и пол вековно постоење, како израз и на европската историја, се одликуваше со значаен општ прогрес, но и со војна и пустош, загуби на дел од античката татковина, периоди на ограничени слободи и поделби, сиромаштија и иселувања.

Последните пет децении Грција доживува непрекината стабилна демократија и институции, владеење на правото, почитување на јавните слободи и индивидуалните права на сите граѓани, како и значителен економски и социјален развој.

 

Од 1981 Грција е членка на Европската Унија и посветено учествува во заедничките историски напори за обезбедување на мир и напредок за целиот континент и за неговите жители, без навраќање на конфронтациите од минатото.

 

Преку меѓународната политика Грција, како држава-основач на Обединетите нации, цврсто се залага за мирниот соживот на нациите, во чија основа е почитувањето на принципите од Повелбата, со која се забранува употребата на сила или закана и која налага мирно решавање на спорови и строго почитување на Меѓународното право, договори  и конвенции од страна на сите.

 

Гледајќи напред со оптимизам, Грција не се штеди во напорите насочени кон постигнување на стабилен мир, добрососедски односи и просперитет, во соработка со сите нации од Југоисточна Европа и од Источниот Медитеран.

 

Во овој дух и во целосна согласност со Преспанскиот Договор, Грција верува во перспективите кои постојат за натамошно развивање на пријателските односи со Северна Македонија, кои се во корист на двете општества и народи. Во овој контекст, европската кандидатура на Северна Македонија е добродојдена и поддржана”.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*