Средба на премиерот Заев со британската амбасадорка Галовеј

Средба на премиерот Заев со британската амбасадорка Галовеј: Се интензивира соработката со Велика Британија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во нашата држава.

На состанокот е заеднички поздравено интензивирањето на соработката помеѓу двете држави што се случува дури и за време на пандемијата.

Изразено е очекување за уште поактивно унапредување на соработката во сите области, по потпишаната спогодба за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Со тоа, како што е оценето се создадени можности за проширување на билатералните односи во сите области. Како пример за добрата соработка е посочено и обостраното признавање на возачките дозволи помеѓу двете земји, за што формалните процедури се во фаза на заокружување.

На средбата е соопштена заедничка определба за зголемување на економската соработка, иако Обединетото Кралство и денес е еден од најголемите странски директни инвеститори во земјава.

„Фокусирано работиме на економскиот развој затоа што ни е важен економскиот стандард на граѓаните. Во таа насока веруваме дека НАТО членството е охрабрување и за инвеститорите и од Обединетото Кралство и од другите земји членки, да инвестираат тука. Во тек се и реформите во правосудството, со коишто очекуваме ефикасност и транспаретност во областа, што е важно за европските перспективи на државата, но и за граѓаните и инвеститорите“, рече премиерот Заев.

На состанокот се споделени информации за справувањето со пандемијата во двете држави.

Исто така, разговарано е и за помош и споделување искуства од Велика Британија во областа на безбедноста, владеењето на правото, образованието, медиумите.

Премиерот Заев се заблагодари на амбасадорката Галовеј за поддршката на кандидатурата на нашата држава за претседавање со ОБСЕ во 2023 година, како и за успешната соработка во областа на одбраната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*