Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“

Претседателот Стево Пендаровски, денеска го додели признанието „Успешни млади“ на 8 добитници, во рамки на проектот инициран за поттикнување на научната, истражувачката и креативна работа на младите луѓе од земјава.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање по повод доделувањето на признанието, изрази уверување дека преку оваа иницијатива ќе се придонесе кон вреднување на трудот и знаењето на младите, зголемувајќи ја мотивацијата за нови достигнувања на младите научници, таленти, уметници, креативци и ќе ги охрабри да продолжат да го вложуваат својот труд и да го развиваат својот талент.

„Имаме многу успешни, креативни млади кои се иднината на нашата земја. Очекувам тие да си го заземат своето место во општеството, да бидат дел од образовните и научните институции, компаниите, креативните индустрии и да придонесуваат за нашето општество“, рече претседателот Пендаровски.

„Ако професионалната кариера сепак ги одведе и надвор од границите на нашата земја посакувам и понатаму не само емотивно, туку и професионално да бидат поврзани со својата татковина преку иницирање и започнување на проекти, заеднички програми и други модалитети на соработка. Нашиот најголем ресурс е човечкиот потенцијал и затоа не смееме така лесно да се откажуваме од него“, истакна претседателот Пендаровски.

Во таа насока, ја нагласи неговата лична заложба за покренување и поддршка на иницијативи и проекти чија цел е да се намали одливот на млади луѓе од земјава, да се создадат перспективи за младите и успешни кадри да останат и да ја градат својата кариера во Северна Македонија. Тоа, рече претседателот Пендаровски, треба да биде цел на секоја институција и на сите што донесуваат одлуки и креираат политики.

Годинашните носители на признанието „Успешни млади“ изразија задоволство што нивните професионални достигнувања се препознати и вреднувани од нашата држава, особено имајќи ја предвид силната конкуренција во сите 8 категории. Добитниците на „Успешни млади“ се заблагодарија на претседателот Пендаровски и на Комисијата, истакнувајќи дека овие признанија се дополнителен поттик и мотивација да продолжат со професионалното усовршување, секој во својата област.

Признанието „Успешни млади“ се доделува за прв пат. Од вкупно 79 апликации за изминатата календарска година за постигнати резултати согласно осумте категории, за најдобар млад научник во општествените науки е избран Анастас Вангели, доктор по општествени науки во полето на социологијата, кој е професор на кинеско–европските бизнис студии, на Високата школа за комерцијални науки од Анже, Франција. Најдобар млад научник во хуманистичките науки е Борче Арсов, доктор по филолошки науки од областа македонски јазик. Во моментов работи на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ како научен соработник, а ангажиран e и на Филолошкиот факултет во Скопје. Најдобар млад научник во природно-математичките и техничките науки е Кимет Јусуфи, чиешто поле на истражување се гравитацијата и квантната механика. Во моментов е професор по физика во Гимназијата „Гостивар“ во Гостивар и доцент на Државниот Универзитет во Тетовo. Најдобра млада научничка во медицинските науки е Моника Ѓорѓиева, која докторирала на Универзитетот Клод Бернард Лион 1. Во моментов таа е фокусирана на не-геномски молекуларни промени во црниот дроб коишто може да доведат до развој на тумори во овој орган. Најдобра млада иноваторка е Весна Бачева која завршила на светски познатиот Федерален технолошки институт на Швајцарија, а магистерскиот труд го изработила во IBM Research во Цирих, една од 12-те лаборатории на IBM во светот. Во категоријата млад талент, за ученици и ученички од средните училишта, признанието „Успешни млади“ е врачено на Ангела Бушеска која освоила златни и сребрени медали за најдобар дебатер на интернационалните олимпијади World Scholar’s Cup и Owlypia. Таа е вљубеник и во математиката, а досега спровела и неколку истражувања во областа на екологијата, физиката и хемијата. Добитник на признанието за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата за млади со попреченост е Ардиан Шабани, кој е активен спортист во здружението „Активен живот“ во Тетово и редовен член на Спортската федерација на Северна Македонија. Ардиан во март минатата година, на светските специјални игри во Абу Даби освоил бронзен и сребрен медал во две различни категории. За најдобара млада уметничка е избрана Симона Димковска, која по завршениот Архитектонски факултет 2015-та дипломирала и на Факултетот за Драмски Уметности во Скопје. На нејзината листа на добиени награди се вбројува и минатогодишната награда за млада актерка за улогите коишто ги толкувала во претставата „Физика на тагата“, награда од македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Изборот на носителите на признанието го прави посебна комисија составена од 23 членови, меѓу кои академици од МАНУ, реномирани проефесори од областа на природните, техничките и општествените науки од универзитети во Република Северна Македонија и од странство, експерти од областа на медицината, бизнис заедницата и културата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*