Претседателот Пендаровски се обрати на средбата по повод 5 Ноември

Претседателот, Стево Пендаровски, по повод 5 Ноември – Светски ден на ромскиот јазик, денеска учествуваше и се обрати на виртуелната средба „5 Ноември – Светски ден на ромскиот јазик, потреба од институционална поддршка за изучување, употреба и зачувување на ромскиот јазик”.

На средбата, претседателот Пендаровски упати честитка до ромската заедница во Северна Македонија по повод 5 Ноември – Светски ден на ромскиот јазик, порачувајќи дека чувањето на мајчиниот јазик претставува обврска и значајна ризница за постоењето, културата и традицијата на секој народ.

Оттука, претседателот Пендаровски го истакна значењето од институционална поддршка за изучување, употреба и негување на ромскиот јазик, што истовремено е придонес во јакнење на мултиетничкото општество на Северна Македонија.

„Вашите напори како наставници и професионалци кои придонесувате кон афирмацијата на ромскиот јазик во образованието се клучни за обезбедувањето на праведен пристап до образование за сите ученици без исклучок. Ние политичарите имаме обврска да ве ислушаме и заедно со вас да предлагаме соодветни политики”, рече во обраќањето претседателот Пендаровски.

Во оваа насока, претседателот Пендаровски искажа јасна поддршка на заложбите на наставниците и сите други чинители од ромската заедница, ромскиот јазик да биде задолжителен почнувајќи од прво одделение, ромската култура да биде факултативен предмет и за децата коишто не се Роми, како и поддршка за возобновување на катедрата за ромски јазик.

Во духот на мултикултурализмот, сите заедници кои живеат во Северна Македонија потребно е да имаат простор за изразување и творење на својот мајчин јазик, посочи Пендаровски. Притоа, унапредувањето на севкупниот образовен процес на децата Роми и обезбедувањето на соодветните услови, е од клучно значење за натамошното негување на ромскиот јазик.

Пред учесниците на средбата, Претседателот порача дека водејќи се, и почитувајќи го принципот на недискриминација, еднаквост и владеење на правото, секој припадник на ромската заедница треба да ужива еднакви можности и права, како предуслов за достоинствен живот.  Во таа насока, нашата земја и натаму, преку суштински заложби ќе придонесува во унапредувањето на квалитетот на животот на Ромите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*