Димитров на средбата со ЕУ амбасадори

Денеска, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров имаше  видео-конференциска средба  со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Северна Македонија. На иницијатива на амбасадорот и шеф на Делегацијата на ЕУ Дејвид Гир, средбата се одржа по повод неодамнешниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија и пакетот за проширување.
„ 2020  е година на предизвици, како на глобален, така и на домашен план, но истовремено и година која ја одбележаа многу важни пресвртници кога станува збор за стратешките приоритети на Северна Македонија. Зеленото светло за отворање на пристапните преговори од март годинава, заедно со членството во НАТО Алијансата се  историски успеси на Владата и на граѓаните. Се надеваме дека заедничкиот успех ќе биде комплетиран со усвојување на Преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на годината“- истакна Димитров.
Осврнувајќи се на наодите од Извештајот, ЗПВ Димитров посочи дека истиот претставува објективна и сеопфатна проценка на нашиот напредок, идентификувајќи ги областите на кои треба да ги фокусираме реформските активности, со посебен акцент на приоритетните области поврзани со првиот Кластер – Темели.
Во однос на предизвиците со кои што Северна Македонија се соочува во светло на одржувањето на Првата меѓувладина конференција, вицепремиерот Димитров посочи: „Како Европската Унија ќе се постави кон ова прашање – правото на македонскиот народ на самоопределување – ќе влијае врз тоа дали и понатаму ќе можеме на Унијата да гледаме како на заедница на вредности и принципи.“
Тој информираше и за мерките што Владата ги презема за подобрување на ИПА структурата, односно за капацитетите на апсорпција на ЕУ фондовите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*