Заев: Волјата на народот се потврди, имаме најмалку три пратенички мандати предност

И тоа како МОЖЕМЕ!
Успеавме народе мој!
Со убедлива и стабилна предност, во моментот од над три пратенички мандати пред ВМРО-ДПМНЕ, со можност за едне или два уште повеќе нашата коалиција „Можеме“ е победничката коалиција на овие парламентарни избори. Најголема, најразнолика, најмоќна и победничка – тоа е МОЖЕМЕ!
Волјата на народот се потврди! Победуваме!
Излегоа граѓаните и гласаа за СИГУРНА ИДНИНА, за ЗАЕДНИШТВО и СОЛИДАРНОСТ, за ЕКОНОМСКИ ПАТРИОТИЗАМ, за РЕД И ПРАВДА – излегоа граѓаните и избраа подобро денес и подобро утре.
Патот напред е потврден. На опасноста и кажавме јасно НЕ!
Драги мои сограѓани,
Имавме избори како што доликува на земја членка на НАТО, која граби кон ЕУ.
Мирни, достоинствени, слободни и демократски – безбедни и современи!
Ви благодарам на сите кои денеска бевте активни учесници во ова ново поглавје од современата македонска демократија – сите вие кои излеговте на овие најспецифични избори досега, сите кои го остваривте вашето избирачко право и кои учествувавте во враќањето на капацитетот на институциите и сите кои презедовте одговорност. Ви благодарам на сите.
Почитувани граѓани, вие сте победници, бидете горди. Имате и зошто!
Денеска победи иднината, победи напредокот.
Има една стара македонска поговорка која вели: “Како ќе си постелиш, така ќе си легнеш”.
Епилогот на денешните избори се отсликува токму во оваа поговорка. Тоа значи дека сите учесници на денешните избори добија порака од гласачите според тоа како и на кој начин ги спроведуваа своите политики.
Среќен сум што граѓаните ги препознаа вистинските вредности и ни дадоа можност да ги продолжиме нашите прогресивни заложби за убава иднина на Република Северна Македонија.
Денеска, концептот парите кај граѓаните, го порази концептот – обнова на режимот.
Концептот на интеграција, го порази концептот на изолација.
Концептот што влече силно напред, го порази концептот што сакаше да враќа назад.
Концептот Едно општество за сите, ги порази лажниот патриотизам, конфликтите и поделбите.
И време е, конечно, сите мрачни и назадни концепти да завршат во неповратно минато, а партиите кои нудеа вакви поразителни политики да започнат процес на реформирање.
Почитувани граѓани,
Со оваа ваша поддршка не задолжувате на одговорност – патот е исправен, но мора да се работи уште повеќе и уште подобро.
Ве уверувам дека ќе продолжиме тоа да го правиме и во иднина, со многу научени лекции зад нас и со големи проблеми решени и оставени зад нас.
Следуваат раст на платите и враќање пари кај граѓаните уште повеќе.
Следува масовно чистење на воздухот, на водата и почвата, следува еко-држава.
Следува уште поголема грижа за сите граѓани на кои им е потребна. Подаваме рака на секој на којшто му треба поддршка и помош.
Следува уште подобра заштита на вашето, на нашето, на јавното здравје.
Следуваат преговори со ЕУ.
И конечно, народе мој – следува ПРАВДА.
Знам дека оваа ваша поддршка, пред сѐ е уште една шанса за ПРАВДА.
И верувајте, добро знам дека тивкиот глас на многумина од оние кои не излегоа да гласаат е став кој бара токму ПРАВДА. Го слушнав и тој став, иако тивок, и на тој став му порачувам – ќе има ПРАВДА, ќе направам се твојот став да можеш гласно да го кажеш, веќе на следните избори.
Стојам пред вас, заедно со мојот тим и се обврзувам да работам макотрпно за да дојде ПРАВДА за секој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*