Над 12.400 компании аплицирале за мерката 14,500 денари по вработен,а над 1200 за бескаматни кредити

Како претприемач чија компанија е погодена од кризата со коронавирусот, го разбирам вашиот страв. Се прашувате како да ги подмирите трошоците во вашата компанија, како да го зачувате бизнисот што сте го граделе со години, но најважно како да ги зачувате работните места на вашите колеги.
Мерката за финансиска поддршка од 14,500 денари по вработен ја има токму таа цел – заеднички да ја пребродиме оваа криза и да ги зачуваме работните места на луѓето без кои нашите компании не би биле тоа што се.
За оваа мерка може да се аплицира веќе од минатиот петок и според Управата за јавни приходи, за оваа финансиска помош веќе аплицирале над 12,400 компании. Апелирам до сите вас што сеуште немате аплицирано, да го направите тоа најдоцна до 7ми мај преку системот за е-даноци на УЈП.
Оваа мерка можат да ја искористат СИТЕ компании кои ги исполнуваат следните услови:
·         Намалени приходи од над 30% во април и мај споредбено со просекот од месеците во 2019та година.
·         Да не се исплаќа дивиденда или бонуси за време на користење на мерката.
·         Да нема над 120.000 денари нето плата на над 10% од вработените.
Мерката е достапна за сите вработени кои имаат нето плата до 39.900 денари, за сите управители и сопственици со нето плата до 39.900 денари но и за вработените кои веќе ја користат мерката за субвенционирање на придонесите за покачување на платите. Мерката можете да ја искористите и за вашите колеги кои сте ги одјавиле во период од 11 март од 30 април, ако ги вратите во повторен работен однос, односно ги пријавите до 7 мај.
За користење на оваа мерка, бројот на вработени во вашата компанија не смее да се намалува, заклучно месец јули освен во случај на пензионирање, смрт, самоволен отказ, кршење на работниот ред и престанување на важноста на договорот.  Вкупниот број на вработени на кои по овие основи би им бил прекинат или завршен работниот однос, заклучно со месец јули 2020 година не смее да биде повеќе од 5% кaj голема компанија, 10% кај средна и 15% кај мирко и мали компании.
Со новата флексибилност во уредбата, сограѓани од најпогодените сектори од кризата како угостителството, туризмот и транспортот покрај 14.500 по вработен, можат да добијат поддршка и од 50% од придонесите за април и мај.
Во врска со враќањето на добиените средства, напоменувам дека фирмите кои ќе ја користат мерката помош од 14.500 по вработен, дури и да покажат добивка за 2020 година, нема да треба да ја вратат помошта што ја добиле од Владата, ако  истата сума на пари ја инвестираат во развој на сопствената фирма во текот на 2021 година.
Мерката 14.500 денари по вработен, можат да ја користат и занаетчии, фризери, козметичари, земјоделци и други самостојни вршители на дејност. Мерката е иста како за работодавачите – единствена разлика е што апликацијата оди преку системот е-ПДД на УЈП.
Би сакал да ве информирам дека сите компании погодени од кризата, сеуште имаат време да аплицираат и  за бескаматните кредити од ковид-2 линијата од 8 милиони евра од Банката за обнова и развој на Северна Македонија. Апликацијата за овој кредит е отворена од 29 април и трае 15 дена.
Почитувани,
Kризата со корона вирусот ќе ја пребродиме заедно. Над 14.000 компании веќе користат или аплицирале за антикризните мерки на владата за борбата против корона кризата. Над 12.400 се веќе пријавени за финансиска поддршка од 14.500 по вработен.  Над 1000 веќе користат ослободување од аконтации од данок на добивка, 631 компании со 5.600 вработени имаат одобрени бескаматни кредити од COVID-1 линијата од 4.7 мил евра а над 1200 компании аплицирале за бескаматни кредити од COVID-2 линијата од 8 мил. Евра.
Почитувани граѓани, заедно сме во ова и сите заедно ќе излеземе посилни од оваа криза.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*