Премиерот Спасовски и министерката Дескоска: Апелираме да се почитуваат мерките

Претседателот на Владата Оливер Спасовски и министерката за правда Рената Дескоска денеска на прес-конференција упатија апел да се почитуваат донесените мерки за превенција и за заштита на здравјето на граѓаните, уверувајќи дека вонредната состојба ќе биде надмината со професионално користење на сите државни ресурси во напорите за успешно справување и спречување на ширење на корона вирусот.

„Оваа одлука, е вистинската мерка која ќе помогне во остварување на грижата, која за нас е најважна, а тоа е јавното здравје и животот на сите граѓани подеднакво. Одлуките што ги носиме за справување со оваа кризна состојба се во насока колку што е можно помалку да им наштети на економијата и стопанството. Со овластувањата што сега ги има Владата, ваквите вонредни политики во вонредна состојба, ќе можат полесно да се донесуваат“, рече премиерот Спасовски, потенцирајќи дека се носат економски мерки со цел да обезбедат одржливост на работата на компаниите со максимална заложба да се осигураат работните места и животниот стандард на граѓаните.

Премиерот Спасовски информираше дека во вонредната состојба сите функции на државата продолжуваат да се остваруваат, а правата и слободите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам.

„Вонредната состојба не значи никаков застој во слободниот транспорт, ниту во делот на прехранбените потреби на граѓаните, ниту во делот на снабдувањето на болниците и аптеките“, посочи премиерот упатувајќи порака дека со одговорно однесување и почитување на мерките полесно ќе се надмине кризната состојба.

Премиерот Спасовски додаде дека непочитување на мерките и заклучоците на Владата нема да биде толерирано и ќе биде најстрого санкционирано.

„Денеска сѐ продолжува да функционира во секојдневниот живот исто како и вчера. Нема одлука за нови рестрикции во движењето и извршувањето на професионалните обврски на граѓаните. Исклучок од ова, сега за сега, се само подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, бидејќи тие региони се утврдени жаришта на вирусот и таму имаме кризна состојба. Ќе направиме сѐ оваа состојба колку што може побргу да се смени на подобро“, рече премиерот Спасовски.

Тој упати апел до сите граѓани и до повозрасната популација, да не излегуваат од дома и доколку е потребно да ја искористат можноста која ја пружаат општините и организацијата на Црвениот крст за помош на лицата каде е потребна.

Премиерот Спасовски заедно со министерката Дескоска објаснија дека воведената вонредна состојба не значи ново ограничување по автоматизам, туку можност и олеснување на работата на Владата, доколку е потребно да донесе уредби со законска сила со цел да го заштити здравјето на граѓаните и да се справи со економските последици, кои за жал ги чувствуваат граѓаните во Европа и светот.

„Ниту вчера, ниту денеска, никој повеќе нема дилеми дека настапија околностите од членот 125 од Уставот за прогласување на вонредна состојба. Одлуката со која се утврди вонредната состојба има важност најмногу 30 дена, што значи дека доколку ситуацијата се смири, таа може да биде прекината, но исто така, ако продолжи пандемијата – вонредната состојба може да се продолжи“, рече министерката Дескоска, оценувајќи дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на вонредна состојба, доколку има потреба.

„Наша заедничка заложба е ограничувањето на правата да биде минимално и само кога е тоа нужно. Колку повеќе се придржуваме до мерките и препораките кои се досега дадени, толку побрзо ќе ја пребродиме оваа криза и нема да бидат потребни нови мерки за ограничување на правата на граѓаните“, рече министерката Дескоска, апелирајќи сите, доброволно и совесно да ги почитуваме мерките и препораките на Министерството за здравство и Владата.

„Со воведување на вонредна состојба, Владата, согласно членот 126 од Уставот, добива право да носи уредби со законска сила. Тоа се акти со кои ќе регулира прашања кои во нормална ситуација се во надлежност на Собранието. Уредбите со законска сила имаат еднаква правна сила со законите и со нив ќе можеме да измениме одредени законски одредби или да донесеме одредени мерки кои се итно потребни, а кои без прогласена вонредна состојба, би требало вообичаено да поминат законска постапка во Собранието“, информираше министерката Дескоска на денешната прес-конференција.

Премиерот Спасовски и министерката Дескоска изразија уверување дека донесените мерки за заштита од проширување на корона вирусот ќе помогнат успешно да се надмине настанатата ситуација. Тие на прес-конференцијата изразија желби за скорешно закрепнување на пациентите кои се наоѓаат на болничко и домашно лекување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*