На 9-тата седница на Владата донесени повеќе одлуки за да се обезбеди континуитет на програмите и работата на институциите по распишувањето на изборите

Владата на Република Северна Македонија ја одржа редовната 9-та седница на која беа донесени повеќе одлуки, заклучоци и препораки за проекти од својата програма за работа и од интерес на граѓаните, а за кои беше неопходно нивно донесување пред распишување на изборите, за да се обезбеди континуитет на програмите, на мерките и на другите тековни работи од надлежност на Владата и другите државни и јавни институции.

На оваа своја седница, меѓу другото, Владата ја усвои Предлог – програмата за изменување на Програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за 2020 година, за да се задржи континуитетот на процесите за изградба на нови и реконструкција на постоечки спортски објекти во повеќе општини како што се Охрид, Куманово, Липково и други.

За да го обезбеди редовното и непречено функционирање на студиските програми за 2020 година на Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски” – Скопје, придружна членка на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, и на Факултет за Исламски науки – Скопје, Владата донесе одлука за одобрување средства, кои што на овие високо-образовни институции им се одобруваат квартално.

На оваа седница е усвоена и одлуката за одобрување средства од Буџетот на Министерството за образование и наука за 2020 година, наменети за субвенционирање на бесплатниот градски превоз за редовните студенти на државните универзитети.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со актуелната состојба и проблемот со издавање на патни исправи од страна на Министерството за внатрешни работи, и го задолжи ова министерство да утврди механизам, односно методологија и критериуми за начин на издавање на патни исправи до 24.03.2020 година, за кога е најавена испорака на дополнителна количина на обрасци на патни исправи.

Владата ја разгледа и усвои информацијата и донесе Одлука за давање согласност на Правилникот за доделување финансиски средства преку Иновациски ваучери на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Правилникот за доделување финансиските средства преку Иновациските ваучери сe воведува за прв пат во Република Северна Македонија, а негова основна цел е да ја поттикне соработката помеѓу претпријатијата и академските и научно-истражувачките установи во насока на спроведување иновациски активности, со што претпријатијата ќе ја зголемат својата конкурентност.

Со ваучерите кои ФИТР ќе им ги додели на компаниите кои имаат намера да започнат нови производи, процеси и услуги со иновативна компонента, ќе се надоместуваат трошоците за услуги на академските и научно-истражувачките институции кои за нив ќе изготвуваат истражувања и анализи што ќе го помогнат успешното реализирање на новите процеси.

На оваа своја седница Владата донесе одлука за поништување на решенијата за кадровски промени и овластувања на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи донесени на 14 февруари, на денот кога во Собранието на Република Северна Македонија беше покрената постапка за нејзино разрешување.

Владата донесе одлука и за поништување на решенијата за распоредување на работно место, донесени од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, со кои Петар Ѓорѓиевски се распределува на работно место началник на Одделение за дизајнирање на наставни програми, Центар за обука, Организациони единици за потребите на Министерството при Министерството за внатрешни работи, за распоредување на Џелал Топалоски на работно место полициски советник за СВР, во Единицата за стратешко планирање стандарди и контрола на квалитет – БЈБ, за распоредување на Зоран Дуровски на работно место началник на Одделение за полиција, СВР Битола – БЈБ, за распоредување на Горан Митев на работно место началник на Одделение за криптозаштита, Сектор за безбедност на информации, Оддел за односи со јавноста и стратешки прашања, Организациони единици за потребите на Министерството при Министерството за внатрешни работи, како и решението со кое Владимир Велковски се распоредува на работно место самостоен советник за меѓународна соработка во Кабинетот на министерот при Министерството за внатрешни работи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*