Претседателот Пендаровски на 56. Минхенска безбедносна конференција

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, од денеска до 16 февруари 2020 година учествува на 56. Минхенска безбедносна конференција.

Претседателот Пендаровски присуствуваше на отворањето на конференцијата, на кое се обрати Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер и претседавачот на конференцијата, амбасадорот Волфганг Ишингер.

Предвидено е претседателот Пендаровски попладне да говори на тркалезната маса „Балкански дијалози“, на која е предвидено учество на Јосеп Борел Фонтелес, потпретседател на Европската комисија и Висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Албин Курти, премиер на Република Косово, Еди Рама, премиер на Република Албанија, Александар Вучиќ, претседател на Република Србија и Екатерина Захариева, вицепремиер за правосудна реформа и министер за надворешни работи на Република Бугарија.

Претседателот Пендаровски во недела ќе има свое обраќање на Минхенската безбедносна конференција.

Предвидено е претседателот Пендаровски за време на учеството на Минхенската безбедносна конференција да оствари повеќе средби со дел од учесниците на собирот.

На 56. Минхенска безбедносна конференција е најавено учество на над 500 лидери во областа на политиката, бизнисот, академската сфера, граѓанското општество, здравствени организации, вклучувајќи над 35 шефови на држави и влади и над 100 министри за надворешни работи и за одбрана.

Меѓу најавените учесници на собирот се американскиот државен секретар Мајк Помпео, францускиот претседател Емануел Макрон, канадскиот премиер Џастин Трудо, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, членови на Европската комисија итн.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*