Средба на премиерот Спасовски и претставници на Владата со претставници на ДИК

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, придружуван од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, заменикот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, министерката за правда, Рената Дескоска, заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, дополнителната заменик министерка во МИОА, Невенка Стаменковска Стојковски, одржа состанок со претставници на Државната изборна комисија, претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, потпретседателот на ДИК, Дитмире Шеху, членовите на ДИК: Јанаќе Витановски, Радица Ристеска, Борис Кондарко, Елизабета Постоловска, Енвер Салихи и генералниот секретар на ДИК, Добре Јанчев, на тема организирање и спроведување фер и демократски предвремени парламентарни избори.
На состанокот на премиерот и претставниците на Владата со претставниците на ДИК, изразена е силна заедничка определба за организирање и спроведување фер и демократски избори.
-Покажавме како држава во претходните изборни циклуси дека можеме да организираме и спроведеме фер избори. Да го продолжиме тој позитивен тренд и на овие вонредни парламентарни избори, во името на демократската и интеграциската иднина на нашата земја, рече премиерот Спасовски.
На состанокот е разговарано за активностите што се преземаат во делот на соодветното евидентирање лица со право на глас, како и за материјално-техничките, просторни и кадровски потреби посочени од ДИК, со цел непречена реализација на изборите.
Во таа насока донесени се неколку заклучоци: прво, ДИК да достави до Владата спецификација за потребните материјално-технички услови за изборите, второ, ДИК да достави известување за потребните обуки на членовите на Изборните комисии и Избирачките одбори, со цел нивно соодветно организирање и е договорена заедничка средба на премиерот Спасовски, на владини претставници и на претставници од ДИК со претставници на ЗЕЛС, со цел овозможување на потребните просторни и други услови, за граѓаните да можат да го остварат своето уставно право на глас.
Ова е прва средба на тема избори, организирана на иницијатива на премиерот Оливер Спасовски со надлежни чинители за реализацијата на претстојниот изборен процес.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*