Вицепремиерката Царовска на средба со пензионерите од Гази Баба

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Мила Царовска заедно со дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, директорот и заменикот на директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Шаип Зенељи и Илија Ивановски  се сретнаа со претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова и членовите на Здружението на пензионери на општина Гази Баба, со кои разговараа за реформите во пензискиот систем и покачувањето на пензиите за сите пензионери во државата.

 

Вицепремиерката Царовска потенцираше дека грижата за највозрасната група на граѓани продолжува, тоа се луѓе кои со својот труд и работа придонеле за градењето на општеството и токму затоа заслужуваат достојно внимание и почит. Владините политики во изминатите две и пол години беа насочени кон стабилизирање на пензискиот систем, а зголемувањето на износот на придонеси и намалувањето на дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, овозможија значително зголемување на пензиите за сите категории пензионери. Ова зголемување не е еднократно, односно влегува во пензиската основица, со тоа на годишно ниво, секој пензионер ќе добие 9000 денари повеќе,  посочи Царовска.

 

„Со исплатената јануарска пензија во февруари месец, имаме зголемување од 722 денари на сите пензии во нашата држава. Ова е нешто што е дискутирано и побарано од страна на пензионерите. Како расте економијата и растот на приходите кај работоспособното население  кое  е претставено со раст на минималната плата од 15% само за минатата година, како и раст на просечната плата од 5% во истиот период, на тој начин се зголемуваат и пензиите, и само на овој начин може да обезбедиме одржлив раст на пензиите. Навистина сме благодарни и на солидарноста на пензионерите, кои околу 2 и пол години беа вклучени и во процесот на стабилизација на пензискиот систем, заеднички ги водевме процесите, почекавме да видиме дали реформата ќе ги даде очекуваните резултати. Увидовме дека двојно повеќе средства се заштедени со реформата која ја имплементиравме, очекувавме заштеда од 2 милијарди денари,  а заштедени се 3,7 милијарди денари, што е сигнал дека има одржливост во растот на пензиите“, нагласи вицепремиерката Царовска.

 

 

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ во дискусија со пензионерите посочи дека со покачувањето на пензиите се подобрува животниот стандард на оваа важна и бројна категорија на граѓани, а додаде дека активно се работи и на подобрување на услугите за пензионерите.

 

„Активно работиме да ја подобриме поддршката за нега во домашни услови за пензионерите, како и на отворање на центри за активно и здраво стареење со цел да ги задоволиме здравствено-социјалните потреби на оваа група на граѓани“, нагласи Шкријељ.

 

Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Шаип Зенељи истакна дека реформите кои се спроведуваа во изминатите три години, почнаа да ги даваат резултатите и токму затоа се и покачени пензиите.

 

„Зголемувањето на пензиите не беше линеарно, туку е зголемување на основицата на пензијата којшто ќе трае, а се надеваме дека во наредните години, како што одат реформите, како што се зголемуваат приходите на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија ќе имаме и дополнително зголемување на пензиите. Треба да се напомене дека во последната година имаше зголемување на приходи од 10% на ФПИОМ којашто е плод на сите реформи, односно како пораст на стапката на придонес од 0,4%, тие зголемени придонеси за 0,4% ќе бидат исплатени и оваа година, а исто така и голема улога играат и зголемување на бројот на вработени во Република Северна Македонија“, подвлече директорот Зенељи.

 

Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери Станка Трајкова посочи дека со измените и дополнувањата на законот за пензиско и инвалидско осигурување во декември се утврди дека пензиите се усогласуваат и со порастот на платите се разбира под одредени услови.

 

„Од 1-ви јануари 2020 година се утврди дека сите пензии, за сите категории на пензионери ќе бидат зголемени за 722 денари. Тоа значи дека овој износ од 722 денари ќе биде пресметан во висината на пензијата и тој ќе се користи трајно и неограничено, не како што слушав денес на утринските програми. Сакам да кажам дека ова е позитивно, да се информираат пензионерите бидејќи современ пензионер значи и информиран пензионер. Овој износ ќе се користи неограничено, месечно и ќе претставува основа за усогласување на другите зголемувања што ќе следуваат во иднина“, кажа Трајкова.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*