Премиерот Спасовски во посета на зоната Визбегово

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, придружуван од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, ја посетија индустриската зона Визбегово, каде се во тек работите за изградба на канализационата мрежа.
При увидот во градежните активности беше истакнато дека, иако државата се наоѓа во изборен процес, Владата функционира во полн капацитет и непречено се одвива реализацијата на планираните инфраструктурни проекти во зоната.
Премиерот Спасовски нагласи дека во тек се и завршните работи на водоводната мрежа.
„Владата на Република Северна Македонија покрај сите активности во делот на интеграциите во НАТО и Европската Унија, посветено работи и на динамиката во сферата на економијата, а токму овој проект е еден од најзначајните за оваа зона.  Градбата на водоводната и канализационата мрежа се основа за нормално функционирање и натамошен развој на зоната. Владата посветено ќе продолжи да го развива дијалогот и партнерството со стопанството и граѓаните и да ги решава сите отворени прашања“, подвлече премиерот Спасовски.
Преку овие проекти, со кои трајно се решаваат инфраструктурните потреби, премиерот Спасовски посочи дека Владата направи пресврт и ги стави приоритетите на бизнис заедницата и на граѓаните на прво место.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, потврди дека изградбата на водоводната и канализационата мрежа се одвива според зацртаната динамика и дека ќе заврши во предвидените рокови.
„Сметам дека со спроведувањето на овие два проекти во Општина Бутел во целост ќе бидат исполнети ветувањата кон компаниите и граѓаните во Визбегово. Сакам да потенцирам дека тука не запираме и наскоро во Општина Бутел ќе започне изградба на социјална зграда“, информираше министерот Сугарески.
Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, се заблагодари за поддршката на Владата во решавањето на инфраструктурните прашања.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*